24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Балансиран тим со можност за ротација по потреба

Близу сме до самиот старт на новата сезона во Премиерлигата, поточно, возбудувањата во ова првенство се враќаат на програмата почнувајќи од утре, а ние продолжуваме со едицијата „24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“ и во новата сезона.

Останато

Добредојдовте во последната анализа во пресрет на новата сезона од Фантази Премиерлигата, сосема е јасна големата нетрпеливост кај љубителите на оваа платформа кои едвај чекаат да почнат натпреварите.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Една кратка увертира за тоа што не очекува викендов, како што веќе знаете, дуелите помеѓу Манчестер Сити и Астон Вила, односно Барнли – Манчестер јунајтед се одложени од причина што фаворитите останаа нешто подолго од останатите во европските купови, па според договорот во Премиерлигата сите клубови имаат пауза од 30 денови до првиот меч во новата сезона.

Во претходната анализа наведовме кои се ѕвездите во сенка кои би можеле да ви ја направат потребната разлика во однос на бодовите, барем гледано од наш агол, а во новата анализа ќе ви препорачаме дефинитивен состав со кој би требало да тргнете од првото коло.

Претходната анализа: Направете ја разликата со ѕвездите во сенка

Воведните анализи во пресрет на новата сезона: 

Тргнете со најдобриот состав на фудбалери за подолг рок

Нискобуџетни фудбалери кои ветуваат многу во новата сезона

Пеналџии и изведувачи на слободни удари кај Премиерлигашите

Постојано препорачуваме да имате добра клупа со што би можеле да ротирате по потреба, на оваа тема ќе ставиме посебен акцент, добро знаете дека низ социјалните мрежи многумина препорачаа опцијата „Вајлд карта“ да ја искористите уште во второто коло, а за во првото да влезете со најдобриот избор, ние имаме сосема поинакво мислење.

Ние сметаме дека најдобрата можна варијанта, според сите случувања во фудбалскиот свет генерално гледано е да тргнете уште од првото коло со најдобриот избор, за генералната промена на составот да ја сторите нешто подоцна откако ќе го „скенирате“ сиот избор, а истиот сезонава ќе биде стеснат со оглед на повисоките цени на играчите.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Немаме никакви дилеми околу препораката да ги селектирате Метју  Рајан (4.5) од Брајтон, како и Алекс МекКартни (4.5) од Саутемптон на двете голмански позиции, една сосема исплатлива опција која ви го отвора патот кон нешто повеќе на останатите позиции, а за цена од 9 добивате два одлични голмани кои би можеле да ги ротирате по потреба.

Распоред на Рајан: Челси (Д), Њукасл (Г), Манчестер јунајтед (Д), Евертон (Г), Кристал Палас (Г)

Распоред на МекКартни: Кристал Палас (Г), Тотнем (Д), Барнли (Г), ВБА (Д), Челси (Г)

Во однос на првата анализа која ја лансиравме во пресрет на новата сезона, тука направивме исклучок со Мартин Дубравка од Њукасл, кој се повреди и го чека пауза на подолг рок.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Кога би сумирале, можеби би погрешиле доколку го изоставиме Трент Александер-Арнолд (7.5) од Ливерпул, бекот има повисока цена сезонава, но затоа лани успеа да постигне 4 погодоци, а воедно да придодаде и неверојатна бројка од 15 асистенции, по што заврши на првото место по бодови кај дефанзивците.


Распоред на Арнолд: Лидс (Д), Челси (Г), Арсенал (Д), Астон Вила (Г), Евертон (Г)

Џон Иган (5) во моментов е на четвртото место кај дефанзивците по бројот на натпреварувачи во однос на селекцијата, а дефанзивецот на Шефилд Јунајтед беше импресивен особено по рестартот на изминатата сезона, на крајот заокружи 13 клин-шита, а постигна два гола и една асистенција.

Распоред на Иган: Вулверхемптон (Д), Астон Вила (Г), Лидс (Д), Арсенал (Г), Фулам (Д)

Арон Ван-Бисака (5.5) брзо се адаптираше во составот на Манчестер јунајтед, лани запиша 12 клин-шита, а реализираше и 4 асистенции, голем е интересот за него, дури и по фактот што ќе отсуствува во првото коло, препорачуваме да го селектирате и да го чувате за второто и третото коло каде „Црвените ѓаволи“ имаат одлична можност за клин-шит. Да појасниме дека му даваме предност на Ван-Бисака во однос на Мет Доерти, големото засилување за Тотнем, од причина што сакаме да увидиме првично на која позиција ќе игра Ирецот и каков ќе биде неговиот импакт.

Распоред на Ван-Бисака: Барнли (Г, одложена), Кристал Палас (Д), Брајтон (Г), Тотнем (Д), Њукасл (Г).

Отсуството на Ван-Бисака би можеле да го „покриете“ со Тимоти Кастање (5.5), новата аквизиција во Лестер од кого се очекува многу, станува збор за фудбалер кој може да игра на обете страни, доста офанзивен во својот пристап во игра, а ветува и неговиот распоред во почетните пет кола.

Ќе додадеме дека доста неизвесно е каква ќе биде финалната одлука на шефот на стручниот штаб на „Лисиците“, Брендон Роџерс во поглед на бековските позиции, на левата страна е Лук Томас, на другата Џејмс Џастин, обата големи таленти на клубот пред кои претстои богата кариера, меѓутоа, за очекување е Џастин да тргне во новата сезона на десната бековска позиција до враќањето од повреда на незаменливиот Рикардо Переира, а Кастање да почне од спротивната страна на местото на Томас. Втората варијанта, можеби уште подобра за Роџерс ако говориме за план на подолг рок е Кастање да игра нешто понапред, а истото да се случи и со Переира штом се врати, за да им се укаже целосна доверба на младиот двоец кој ветува многу.

Распоред на Кастање: Вест Хем (Г), Брајтон (Д), Тотнем (Г), Барнли (Д), Манчестер јунајтед (Д)

Остануваме на претходно напишаното за Жарад Брентвајт (4) од Евертон, и покрај силната конкуренција во Јери Мина кој веќе е целосно рехабилитиран од повредата. Сепак, веруваме дека Карло Анчелоти ќе има убава можност на дело да ги покаже своите тренерски вештини и да му укаже доверба на младиот Брентвајт кој импресионираше во дебито во завршниот дел од ланската сезона.

Распоредот на Брентвајт: Тотнем (Г), ВБА (Д), Кристал Палас (Г), Брајтон (Д), Ливерпул (Д)

Од останатите нискобуџетни варијанти од одбраната, имајте го на ум и Тарик Мичел (4) од Кристал Палас, кој се’ поизвесно е дека ќе одигра неколку натпревари во воведниот дел од новата сезона, се’ до целосното враќање на незаменливиот Патрик Ван Анхолт кој веќе се врати на тренинзите во клубот по подолга пауза.

Дополнително, добри алтернативни опции се секако и Вилијан Салиба (4.5) од Арсенал, како и Џамал Луис (4.5) од Њукасл.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Продолжуваме со Мохамед Салах (12), првата ѕвезда на Ливерпул кој секогаш е ударна игла во нападот на „Редсите“, лани постигна 19 погодоци, а на истите придодаде и 10 асистенции, може да отвори со добри бодови уште во првото коло.

Распоред на Салах: Лидс (Д), Челси (Г), Арсенал (Д), Астон Вила (Г), Евертон (Г)

Веројатно би била огромна грешка да не го селектирате Бруно Фернандеш (10.5), или таа обврска да ја оставите за второто коло, меѓутоа со трансфер, наместо тоа, ние препорачуваме да го селектирате уште во првото коло, да сочувате трансфер плус за второто коло со што би имале навистина одличен тим. Португалецот инаку од јануари до крајот на ланската сезона за Манчестер јунајтед беше неверојатен со 8 погодоци и исто толку асистенции.

Имајте го на ум и неверојатниот Кевин Де Брујне од Манчестер Сити, меѓутоа почнувајќи од третото коло каде според оваа анализа препорачуваме да имате на располагање два трансфери, во однос на почетокот предност му даваме токму на Фернандеш.

Распоред на Фернандеш: Барнли (Г, одложена), Кристал Палас (Д), Брајтон (Г), Тотнем (Д), Њукасл (Г)

Во однос на средниот ред ќе го придодадеме и Сон (9) од Тотнем, човекот од доверба на Жозе Мурињо, кој лани постигна 11 погодоци, а придодаде и 13 асистенции, Кореецот има одличен распоред и вреди да тргнете со него. Ќе потсетиме дека офанзивецот на Тотнем кој неретко го гледаме и во самиот напад на „Спарси“ ланската сезона беше творец на голот на сезоната во Премиерлигата.


Распоред на Сон: Евертон (Д), Саутемптон (Г), Њукасл (Д), Манчестер јунајтед (Г), Вест Хем (Д)

Иако има дилеми во јавноста дали ќе стартува, сепак, не можеме да го заборавиме фактот што новата аквизиција во Арсенал, Вилијан (8) речиси на свој грб го однесе Челси ланската сезона до топ четири во Премиерлигата, меѓутоа несогласувањата околу времетраењето на новиот договор го преселија во редовите на „Топчиите“, кои му понудија на Бразилецот токму она што тој го посакува, тригодишен договор, а со оглед на неговата експлозивност во офанзивниот дел од играта, очекуваме брзо да блесне во друштво на Пјер-Емерик Обамејанг, кој сигурно ќе има одличен соиграч зад себе во нападот кој би можел вешто да асистира, но и да погоди на следните пресметки во воведните кола. Бразилецот ланската сезона во дресот на Челси запиша 9 гола, и исто толку асистенции.

Распоред на Вилијан: Фулам (Г), Вест Хем (Д), Ливерпул (Г), Шефилд Јунајтед (Д), Манчестер Сити (Г)

Петорката во средниот ред ќе ја заокружиме со Алан Сент-Максимин (5.5) од Њукасл, еден неверојатно добар дриблер со голема брзина во играта, кој ланската сезона особено добро се покажа во завршниот дел, а на еден меч успеа да реализира дури три асистенции. Французинот има и повеќе од солиден распоред на почетокот, а новите соиграчи како Рајан Фрејзер и особено Калум Вилсон се дополнителна мотивација да го селектирате.

Распоред на Сент-Максимин: Вест Хем (Г), Брајтон (Д), Тотнем (Г), Барнли (Д), Манчестер јунајтед (Д)

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Тимо Вернер (9.5) е огромно засилување за Челси, станува збор за фудбалер кој едноставно е машина за голови, дека е така покажа уште на дебито на контролката со Брајтон каде погоди уште во првите пет минути, иако со релативно повисока цена од очекувањата, сепак ова е напаѓач кој ветува многу во Премиерлигата.

Распоред на Вернер: Брајтон (Г), Ливерпул (Д), ВБА (Г), Кристал Палас (Д), Саутемптон (Д)

Александар Митровиќ (6) е втор најкупуван напаѓач во моментов на Фантази Премиерлигата, лани го предводеше Фулам со 26 погодоци со што беше прв стрелец во Чемпионшип дивизијата, а има солидно искуство во елитната Премиерлига и едно добро педигре.


Распоред на Митровиќ: Арсенал (Д), Лидс (Г), Астон Вила (Д), Вулверхемптон (Г), Шефилд Јунајтед (Г)

Многумина зборуваат за Дени Ингс, меѓутоа подзабораваат на Че Адамс (6), фудбалерот со одлични квалитети, а дека е така потврди и во само 1095 минути одиграни ланската сезона во кои постигна 4 погодоци и исто толку и асистенции, тој ќе биде сигурен стартер во нападот на Саутемптон во новата сезона, во друштво на Ингс.

Распоред на Адамс: Кристал Палас (Г), Тотнем (Д), Барнли (Г), ВБА (Д), Челси (Г)

 

Голмани: МекКартни (4.5), Рајан (4.5)

Одбрана: Арнолд (7.5), Иган (5), Ван-Бисака (5.5), Кастање (5.5), Брентвајт (4)

Среден ред: Салах (12), Фернандеш (10.5), Сон (9), Вилијан (8), Сент-Максимин (5.5)

Напад: Вернер (9.5), Митровиќ (6), Адамс (6)

 

Составот го заокруживме, а истиот има вредност од 98, со тоа што 2 милиони ви остануваат во буџетот, од приложеното имате можност да се уверите дека изборот е повеќе од солиден, нуди можност за заштеда на два трансфери кои би можеле да ги искористите во третото коло, а дотогаш да бидете и повеќе од конкурентни.

Среќно на сите натпреварувачи во новата сезона од Фантази Премиерлига, не заборавајте да се приклучите на лигата на „24ФУДБАЛ“, кодот е следен: unckad