24фудбал

Немал клуб, останал без работа, сакал да стави крај на кариерата а сега е на пат за Лондон и потпис со Челси

Уште една фудбалска бајка, 28 годишниот Едуар Менди е на чекоро до потпис со Челси иако пред шест години немал клуб, останал без работа и сакал да се откаже од фудбалот.

Франција

Френк Лампард потроши преку 200 милиони фунти на засилувања, ова лето на Стемфорд Бриџ пристигнаа Хаким Зијеш, Тимо Вернер, Бен Чилвел, Тијаго Силва, Маланг Сар и Каи Хаверц, но „сините“ нема да застанат тука.

На пат кон Лондон е Едуар Менди, 28 годишниот голман во следните денови ќе стане нов играч на Челси откако Рен прифати понуда вредна околу 25 милиони фунти.

Французинот, кој ги брани боите на Сенегал, има интересна приказна откако пред шест години немал клуб, останал без работа и сакал да стави крај на кариерата.

Леото во 2014 година, завршува неговит договор со третолигашот Шербур а агентот му ветува трансфер во Англија, исто така во трета лига но за повеќе пари. Зделката сепак не се реализира па Едуар Менди останува без клуб, без работа и се пријавува во завод.

„Без разлика дали сте фудбалер или работите нешто друго, кога останувате без работа тоа е како некој да ви залепил шлаканица. Неуспех по неуспех па се прашувате, „Можеби не ми е пишано, можеби е најдобро да се откажам““ – раскажува Едуар Менди за своето патешествие.

Тој потоа се враќа во Ле Авр, клубот каде што ја почнал кариерата, требал да биде таму неколку месеци додека да најде нов ангажман, но останува цела година. Работите се менуваат во 2015, поранешен соиграч од Шербур му се јавува за да му каже дека Марсеј бара голман. Едуар Менди оди на проба и добива шанса од великанот од Велодром.

Едуар Менди во Марсеј е четврта опција и дел од резервите па во потрага на минутажа се сели во втората лига, во редовите не Ремс. Среќата му се насмевнува, првиот голман добива црвен картон а тој шанса да покаже што умее. За кратко време ги импресионира сите, станува прв избор помеѓу стативите и помага клубот да се избори во елитата.

По една сезона со Ремс во Лига 1, Едуар Менди прави трансфер во Рен за 3-4 милиони евра и дава голем придонес за одлична сезона, топ три пласман на табелата и настап во Лигата на шампиони.

По долги преговори, Челси и Рен денеска си подадоа рака, голманот утрово го напушти тренингот и сега е на пат за Лондон, да му биде конкуренција на најскапиот голман во историјата, Кепа Аризабалага.