24фудбал

Вардар го доби скопското дерби против Шкупи, црвено-црните можеа и да ја наполнат мрежата на ривалот

Вардар со минимални 1-0 го победи Шкупи, но имаше барем уште 4-5 идеални шанси за да го декласира противникот, Работнички славеше кај Ренова, Борец беше подобар од Академија Пандев, мрежите мируваа во Битола на мечот меѓу Пелистер и Македонија ЃП.

Македонија

Вардар сезоната ја почна со многу проблеми и со доцен старт на подготовките. Но видно променетиот состав на Васовски полека почна да се воигрува и да фаќа ритам. Црвено-црните повторно ќе бидат солиден тим.

Таков впечаток оставија на денешниот меч против Шкупи, победија со 1-0, а можеа да слават многу поубедлива победа.

Клучниот момент се случи во 52. минута кога Цветановски погоди по еден голем кикс на голманот Наумовски. 

Во продолжението на мечот Наумовски бранеше маестрално и спречи дебакл на неговиот тим, но е и трагичар на мечот за Шкупи бидејќи требаше подобро да интервенира при примениот погодок.

По овој пораз на Шкупи, Шкендија остана осамена на врвот со 11 бодови, а тие и Силекс имаат по десет.

Минимално со 1-0 славеше и Работнички на гостувањето кај Ренова, голот го постигна Петковски на десетина минути пред крајот.

Борец со 2-0 ја победи Академија Пандев. Стрелци на головите беа Силва и Прелчец во второто полувреме.

Немаше голови на мечот меѓу Пелистер и Македонија Ѓорче Петров.

Фото: ФК Шкупи