24фудбал

Гонзалез до Нејмaр: Не сум расист... ти треба да научиш да губиш!

Дефанзивецот на Марсеј, Алваро Гонзалез ги отфрли обвинувањата на Нејмар за расистички навреди и му порача на Бразилецот дека треба да научи да губи.

Франција

Синоќешното „Класико“ во Париз заврши со голема мешаница по која беа исклучени пет играчи, помеѓу кои и Нејмар. Кога Бразилецот го напушти теренот, на четвртиот судија му се пожали дека бил навреден на расна основа, а потоа се огласи и на социјалните мрежи, каде го обвини дефанзивецот на Марсеј, Алваро Гонзалес за расистички навреди.

Шпанецот веднаш реагираше со своја објава, постираше слика опкружен со своите црномурести соиграчи и напиша: „Нема простор за расизам. Чиста кариера со многу соиграчи и пријатели на дневна основа. Понекогаш едноставно треба да научите да губите и да го прифатите поразот на терен. Неверојатни три бода. Але Марсеј, благодарност до семејството“.

Инцидентот го прокоментираа и тренерите, Тухел рече: „Нејмар ми рече дека бил навреден на расна основа. Сите имаме исто мислење, за расизмот нема место во фудбалот, спортот и нашето општество“.

Андре Вила Боаш порача: „Очигледно е дека нема место за расизмот во фудбалот. Од клупата не можеше да се слушне ништо, се надевам дека немало навреда на расна основа. Тоа е сериозен прекршок. Се надевам дека ќе нема црна дамнка на овие наши историски перформанси. Голема победа, требаше да славиме со 2-0, не знам зошто судијата не ни го призна вториот гол“.