24фудбал

Таневски си поднесе оставка, Академија Пандев ќе бара нов тренер

Поради лошиот старт на сезоната, Александар Таневски си поднесе оставка од функцијата прв тренер на тимот на Академија Пандев.

Македонија

По воведните пет кола во новата сезона, Академија Пандев има четири порази и само една победа. По синоќешниот загубен меч кај Борец, тренерот на струмичкиот тим, Александар Таневски реши да си поднесе оставка.

„Александар Таневски не е повеќе тренер на Академија Пандев. По вчерашниот пораз, шефот на стручниот штаб си поднесе оставка, која управата ја прифати. Причина за оставката се лошите резултати во воведните пет кола од стартот на новата сезона. Управата на Академија Пандев му се заблагодарува за вложениот труд и му посакува се најдобро во понатамошната кариера“, стои во соопштението на клубот.

И самиот Таневски преку социјалните мрежи ја потврди и ја образложи оставката.

„Како човек и како тренер имам свој морал и достоинство. Свесен сум за слабите резултати во овие пет кола а свесен сум и за слабата игра и очајното однесување на нашите фудбалери на вчерашниот натпревар против Борец и токму поради тоа мислам дека е морална обврска на секој прав човек и тренер да преземе одговорност и да поднесе оставка. Ги известив раководните лица за мојата одлука. Од денес не сум повеќе тренер на Академија Пандев“, стои во дел од изјавата на Таневски на својот фејсбук профил.

Фото: ФК Академија Пандев