24фудбал

Нафиу со прекрасен гол внесе неизвесност, сепак класата на Тотнем и Сон беа преголем залак (ВИДЕО)

Шкендија му покажа мускули на Тотнем, но не успеа да го изненади, англискиот тим си замина со победа од 3-1 и пласман во плејофот од Лига Европа но добро се испоти за да дојде до тоа.

Лига Европа

Тотнем ја оствари целта по која дојде во Скопје, тимот на Мурињо ја победи Шкендија, но македонскиот претставник го покажа сиот свој поренцијал и во голем дел од мечот беше рамноправен противник.

Жозе Мурињо се одлучи мечот да го почне без Хари Кејн, но во продолжението виде дека и тој ќе му биде потребен за да ја победи Шкендија. На голот на Тотнем официјално деби имаше голманот Џо Харт.

Шкендија повлечено го почна натпреварот со преголема почит за противникот, но Тотнем многу рано го отвори резултатот. Уште во 15. минута Ламела се најде сам во одлична позиција шутираше и погоди за водство од 1-0.

Како одминуташе натпреварот Шкендија беше се порамноправна, почетниот страв од големиот противник почнуваше да го снемува, тетовскиот тим виде дека може да парира и тргна поофанзивно.

Во 26. минута Деле Али шутираше, но Дино Захов го одбрани неговиот удар, речиси друго и ништо да не направи тимот на Мурињо во првиот дел.

По три минути игра во вториот дел Ламела силно биеше кон голот на Шкендија, но Захов и овој пат беше подобар од играчите на Тотнем.

Во 55. минута прекрасен гол од далечина на Нафиу, Шкендија израмни на 1-1, големиот противник беше шокиран.

Жозе Мурињо виде дека нема да биде лесно и во игра ги внесе Хари Кејн и Лукас Мура. 

Тотнем доби на опасност во нападот, ја засили офанзивата а тоа вроди со плод во 70. минута кога по една одбиена топка Сон најдобро се снајде и го врати водството на англискиот тим, 2-1.

Десет минути подоцна по убава асистенција од Сон, Хари Кејн погоди со глава, го зголеми водството на 3-1 и стави крај на неизвесноста околу победникот. Тоа беше и конечниот резултат.

Шкендија може да биде горда на настапот против Тотнем иако ова значеше крај за нивниот престој во Европа оваа сезона.