24фудбал

Луд меч на Сан Сиро со три пресврти и седум гола, Интер во финишот за 100 секунди ја реши Фиорентина (ВИДЕО)

Интер ја отвори сезоната со триумф над Фиорентина, во луд меч со три пресврти и седум гола, „нероаѕурите“ во финишот од мечот дојдоа до победа од 4-3.

Италија

Возбудлив натпревар на Сан Сиро полн со драма, Фиорентина беше многу блиску до победа но на крајот „виолетовите“ си заминаа од Милано со празни раце.

Гостите одлично го отворија мечот и поведоа по само три минути игра. Една лоша реакција на одбраната на Интер овозможи двајца играчи на Фиорентина да се најдат осамени пред Хандановиќ а Бонавентура несебично го проигра Куаме за 0-1.

Интер потоа притисна и стигна до изедначување во продолжението на првиот дел, Луатаро прецизно биеше од работ на шеснаесетникот за 1-1

На стартот од вториот дел, избраниците на Конте направија целосен пресврт, Чекерини неспретно реагираше и си ја затресе сопствената мрежа за 2-1. Сепак, пет минути подоцна Кастровили изедначи на 2-2 а по една контра, Киеза погоди за 2-3 и нов пресврт.

Влаховиќ имаше шанса да го фрли Интер на колена, а за промашувањето казна стигна во финишот.

Во период од 100 секунди, Лукаку реализираше за 3-3 по една одлична акција, а Д’Амброзио највисоко скокна на подалечната статива по еден корнер за 4-3 и огромно славје.