24фудбал

Нов „случај Меси“ во Барса: Спорен е договорот на Ансу Фати, клубот и агентот различно го толкуваат

Лео Меси и Барселона овој месец беа во војна откако различно ги толкуваа клазулите од договорот, а сега се појавува нов случај, проблематичен е и договорот на младата ѕвезда Ансу Фати.

Шпанија

Ансу Фати блесна во неделата на отварањето на новата сезона и против Виљареал имаше одлична партија, постигна два гола и изнуди пенал.

Но ова ќе создаде главоболки кај раководството на Барселона. Наводно спорен е договорот на 17 годишното момче и клаузулите во него.

Тој стави потпис на нов договор во декември 2019 со трајност до 2022 и откупна клаузула вредна 170 милиони евра. Барселона тогаш соопшти дека откупната клаузула ќе скокне на 400 милиони евра кога тој официјално ќе стане дел од првиот тим, а клубот има и опција да ја продолжи соработката за додатни две години.

Минатата недела, Ансу Фати беше промовиран во првиот тим и Барселона пренесе дека неговата клаузула сега е 400 милиони евра, но во соопштението немаше информации за тоа до кога е обврзан играчот.

Според неколку извори од Каталонија, раководството на Барса смета дека има опција еднострано да го продолжи договорот до 2024 и ова ќе биде сторено во иднина.

Но Жорж Мендеш верува дека оваа опција не е валидна и договорот на играчот истекува во 2022 година. Португалецот од ова лето е агент на Ансу Фати, а за договорот кој играчот го потпиша минатата година преговараа други агенти.

Во таборот на Барселона се свесни дека ќе мора да го наградат играчот со нов побогат договор доколку Ансу Фати продолжи со ваквите перформанси, па Жорж Мендеш веројатно прави притисок што побрзо да му обезбеди мултимилонска зделка на својот клиент.

Португалецот ова лето на Барса и донесе понуда вредна 150 милиони евра, предлог кој беше експресно одбиен. Наводно клубот што бил подготвен да ја плати оваа сума на играчот му имал ветено дури 10 милиони евра по сезона, што е неверојатна бројка за тинејџер.