24фудбал

Од обична шега за головите во Скопје до психолошка војна, Солшер пак го „пецна“ Мурињо

По мечот во Скопје меѓу Шкендија и Тотнем, започна и психолошка војна меѓу Оле Гунер Солшер и Жозе Мурињо која се уште трае.

Англија

Најпрво Солшер се пошегува за пречките кои ги имаше Брајтон велејќи дека да бил Жозе Мурињо ќе мерел колку е висок голот, потоа Португалецот врати дека на тренерот на Манчестер јунајтед му се важни мерките на шеснаесетникот поради големиот број на пенали кои им ги судат.

Мурињо рече и дека за некои екипи ВАР досудува пенали и откако ќе заврши мечот алудирајќи на ситуацијата на Манчестер јунајтед кој со таков пенал го совладаа Брајтон.

Сега дојде редот на Солшер кој вели дека некои екипи прогресираат во Лига Купот и без да играат натпревари, мислејќи на Тотнем кој службено го доби дуелот со Лејтон Ориент поради големиот број на случаи на коронавирус во четвртолигашот.

Запрашан дали една од позитивните работи во Лига Купот е тоа што со малку натпревари може да се стигне далеку во натпреварувањето Солшер рече: „Зависи, има некои тимови што прогресираат во натпреварувањето дури и без да играат“.

„Ова е натпреварување во кое сакате да одите далеку но секогаш се обидувате да им дадете шанса и на младите играчи да стекнат искуство и составот да се почувствува дека сите се заедно“.

Оваа психолошка војна меѓу двата тренери е увертира за нивниот дуел кој ќе се случи во недела, кога во рамките од Премиерлигата, Манчестер јунајтед ќе го пречека Тотнем.