24фудбал

Милан убедлив против Спарта Прага, Црвена звезда пет пати ја тресеше мрежата на Либерец (ВИДЕО)

Милан продолжува да победува, овој пат од росонерите настрада Спарта Прага, италијанскиот тим победи со 3-0, Црвена звезда со 5-1 го совлада Либерец, Тотнем со 1-0 загуби на гостувањето кај Антверпен.

Лига Европа

Милан ја продолжува големата форма во која се наоѓа од рестартот на фудбалот по паузата поради пандемијата на коронавирус. Вечерва ја победија Спарта Прага со 3-0.

Диаз во 24. минута го отвори мечот, а до крајот на првото полувреме можеше да биде и 2-0, но Ибрахимовиќ промаши пенал.

Сепак тоа се случи во 57. минута кога Леао реализираше за 2-0, а конечните 3-0 ги постави Далот десет минути подоцна.

Црвена звезда со 5-1 го победи Либерец. Српскиот тим во голем стил ги освои трите бода. Двоен стрелец беше Ел Фарду Бен, а по еднаш погодија Гајиќ, Катаи и Фалчинели.

Тотнем доживеа пораз на гостувањето кај Антверпен од 1-0. По една голема грешка на Дејвис, Рафаелов постигна гол во 29. минута кој значеше триумф за белгискиот клуб.

За разлика од Тотнем, Лестер освои три гостински бодови триумфирајќи на гостувањето кај АЕК од 2-1. Нерешено заврши мечот меѓу Лил и Селтик 2-2. Хофенхајм со 4-1 победи кај Гент.

Немаше голови на дуелот меѓу ЦСКА Москва и Динамо Загреб, а најмногу погодоци имаше на мечот меѓу ЛАСК и Лудогорец кој го добија домаќините со 4-3. Виљареал со 3-1 славеше кај Карабаг, со по 2-1 победија Макаби Тел Авив кај Сиваспор, и Брага кај Зорја. Волфсбергер со 4-1 победи кај Феенорд.