24фудбал

Бетмен велит: Новиот дом на Еспањол: Корнеља–Ел Прат, стадион за мерак

Еспањол конечно после 12 години „гостување“ на Олимпискиот Стадион се врати во свој дом, во стадион со 4 ѕвезди дизајниран во еден хармоничен баланс меѓу функционалноста, економијата и естетиката

Колумни
Официјално пуштен во употреба на 2-ри август 2009-та година, новиот стадион на Еспањол својата приказна ја започнува во 2002 година, кога „помалиот“ клуб од Барселона одлучи да организира итнернационален тендер за избор на архитектонско решение за изградба на нов спортски комплекс кој ќе биде дом на Расинг Клуб Депортиво Еспањол, како што е целосното име на овој „пошпански“ клуб од најголемиот град во Каталонија. 
 
Победи проектот на Марк Фенвик и Естеве Гасуља, тимот кој испроектира стадион кој може да прими 40 илјади и петстотини гледачи, на локација меѓу општините Корнеља и Ел Прат де Љобрегат.
 
Претходно, после рушењето на стариот дом на Еспањол во Сарија каде Лос Перикос настапуваа од 1923-та година, клубот од 1997 до 2009 година своите натпревари ги играше на Олимпискиот Стадион Луис Компањис изграден во 1929 година, со капацитет од 56.000 гледачи.
 
 
Меѓутоа, поради големиот капацитет на Олимпискиот стадион на кој Еспањол сепак го имаше статусот на „кираџија“, како и поради присуството на атлетската патека со која се губи блискоста меѓу публиката и играчите, нешто слично по примерот на Јувентус кој се пресели од стариот на новиот Деле Алпи, раководството на клубот одлучи да го направи новиот стадион кој го носи името Естади Корнеља-Ел Прат. Архитектите објаснувајќи го дизајнот, изјавија дека целта им е да направат амбиент на „атмосферски притисок“ од трибините кон теренот. Според нивниот дизајн, акустиката треба да се одбива од трибините и да се проектира само на теренот, а покривот е направен од материјал кој спречува појава на ехо.
 
Клубот размислуваше за продавање на правата за именување на стадионот, а после смртта на капитенот Даниел Жарке, навивачите предлагаа стадионот да биде именуван во негова чест, но засега Еспањол нема заземено официјален став и по двете опции, па името си останува во склад со географската местоположба на стадионот.
 
 
Денес, кога проектот е комплетно реализиран може да се каже дека е прифатен како елемент на креација на новите инфраструктури во тој реон и служи за интеракција со локалното население во смисол на понудата на нови содржини - во овој комплекс покрај стадионот има и центар за рекреација, како и голем трговски центар, со што покрај спортската, стадионот добива и нова комерцијална вредност.
 
Самата структура на стадионот е составена од два дела - трибинскиот простор и прстенот кој го опкружува - и има чист и силен дизајн, со дефинирана геометрија, а особено карактеристична е фасадата на стадионот која личи на „летечка осветлена завеса“ во боите на клубот, особено спектакуларна навечер, кога свети и потсеќа на уште еден објект во Барселона кој го користи истиот принцип на илуминација - Торе Агбар, дизајниран од познатиот Жан Нувел, или ако зборуваме за стадиони, Алианц Арената во Минхен. Архитектите велат дека со ова сакале да постигнат ефект како стадионот да има облечено дрес на Еспањол.
 
 
Покривот е покриен со соларни панели, кои ќе овозможат огромна заштеда на енергија, имајќи ја предвид климата во сончевата и топла Шпанија, нешто за што е водена голема сметка и е во склад со новите архитектонски трендови на изградба на само-одржливи објекти. Архитектите велат дека економската одржливост на стадионот оди дотаму што нема загуба на вода дури и во тоалетите, а испроектиран е и одличен вентилационен систем кој спречува стагнација на топлината, бидејќи фасадата е малку одделена од бетонската конструкција за да овозможи квалитетно вентилирање. Нормално, овозможен е лесен пристап и за лицата со инвалидитет за кои има и посебен простор на трибините од каде може да уживаат во натпреварите на Еспањол. Кога се во прашање безбедносните мерки, доволно е да ви кажеме дека во случај на непогода, целиот стадион може да се испразни за 3 минути и 20 секунди.
 
 
Еспањол конечно после 12 години „гостување“ на Олимпискиот Стадион се врати во свој дом, во стадион со 4 ѕвезди дизајниран во еден хармоничен баланс меѓу функционалноста, економијата и естетиката, чија изградба чинеше околу 60 милиони евра, или 30 милиони помалку од она што мадридски Реал го плати за трансферот на Кристијано Роналдо.
 
*Колумната е премиерно објавена во емисијата „Топки Поблиску“ (недела, 19:30, Алфа ТВ) 
 
Автор: Бетмен велит