24фудбал

Бетмен велит: Ла Ромареда – трага на славната историја на Зарагоса

Естадио де Ла Ромареда е стадионот на фудбалскиот клуб Реал Зарагоса, од градот Зарагоса во провинцијата Арагон во Шпанија. Стадионот е инаугуриран на 8-ми септември 1957 година…

Колумни
Естадио де Ла Ромареда е стадионот на фудбалскиот клуб Реал Зарагоса, од градот Зарагоса во провинцијата Арагон во Шпанија.
 
Стадионот е инаугуриран на 8-ми септември 1957 година. Речиси по пракса, на отворањето на некој нов стадион во Шпанија се среќаваат домаќинот со својот најголеми ривал, па така со натпреварот меѓу Реал Зарагоса и Осасуна кој завршил со победа на домаќините од 4-3 било и официјално означено пуштањето во употреба на новиот стадион на тимот од Арагон.
 
Успешното „сефте“ на новиот стадион, после преселбата од малиот и воедно прв стадион на тимот, Тореро - со капацитет од 20.000 гледачи, им донело среќа на играчите на  Реал Зарагоса.
 
 
Во наредните неколку години Ла Ромареда станува мит за сите противници и е „домашното“ буниште кое е главниот виновник за одличните пласмани на Зарагоса во Ла Лига наредните десеттина години, притоа завршувајќи речиси редовно во првата петорка во Шпанија, освојувајќи два Копа дел Реј трофеи и дури еден европски, оној во Купот на Саемски градови, претходникот на УЕФА купот, во 64-та година на минатиот век.
 
Изградбата на стадионот започнала во ноември 1956 година под раководство на архитектот Франциско Риестра, а вредноста на проектот кој вклучувал покривање на главната западна трибина била 21,5 милиони пезети. Попрецизно, бил покриен горниот прстен на трибината, додека на источната страна биле поставени големи дворедни терасести трибини. 
 
 
Во 77-та година Ла Ромареда е проширена од 27 на 50 илјади гледачи, а една година подоцна стадионот е одбран за едно од местата на кои ќе се играат натпревари од Светското првенство во Фудбал во 1982 година. Токму Југославија, заедно со Хондурас и Северна Ирска ги играле натпреварите во Зарагоса, забележувајќи слаба посетеност кога е во прашање бројот на гледачи кои го исполниле дозволениот капацитет од 42,000 места.
 
Во очи на Олимписките игри во Барселона, стадионот трпи уште едно реновирање со кое капацитетот му е редуциран за уште неколку илјади, додека конечниот изглед на денешниот стадион потекнува од 1998 година, кога се поставуваат седишта на сите трибини и Ла Ромареда официјално може да прими 34,596 гледачи.
 
 
Од конструктивен аспект, не е нималку спектакуларен, а надворешната фасада од столбови со исполна од тули и отворен визир кон поттрибинскиот простор делува трошно. 
 
Внатрешноста на стадионот е нешто подобра од надворешноста, но и покрај тоа барем во минатите десеттина години во неколку наврати се зборуваше за реновирање или дислокација на стадионот. Сепак, додека естетската проблематика не ја надмине финансиската исплатливост на еден ваков проект, Зарагоса ќе ја гледаме на стадионот кој бил најактуелен пред 50-тина години, исто како и тимот кој стои како официјален домаќин на истиот.
 
Автор: Бетмен велит