24фудбал

Вардар киксна во Кратово, Шкендија на два бода до лидерот

Вардар со 3-2 загуби на гостувањето кај Силекс во Кратово, Шкендија ја победи Ренова со 3-1 и дојде на само два бода до врвот, трката за титулата станува интересна.

Македонија

Вардар доживеа непријатен туш во Кратово, македонскиот шампион поразен се враќа дома, со три бода помалку од планираните.

Силекс поведе уште во 7. минута од натпреварот со гол на Пановски, но Вардар израмни само шест минути подоцна со погодок на Грнчаров.

Кратовчани брзо го вратија водството преку Недељковиќ во 30. минута, а Дурански во 76. зголеми на 3-1. Вардар преку Којашевиќ од пенал во самиот финиш само го ублажи поразот.

Вардар во 41. минута промаши пенал, Ќеран не реализираше, а натпреварот го заврши со десет фудбалери откако Хамбарџумјан во 73. доби втор жолт.

Шкендија пред полни трибини во Тетово ја победи Ренова со 3-1 и го искористи киксот на Вардар.

Ибраими, Радески и Асани беа стрелци на головите за Шкендија, Скендери погоди за Ренова.

Работнички со головите на Елмас и Алтипармаковски дојде до победа од 2-0 над Турново.

Победа од 2-0 забележа и Металург над Царев Двор, немаше победник на мечот помеѓу Шкупи и Брегалница 2-2.