24фудбал

Раниери: Јас сум истиот човек кој беше отпуштен од Грција

По сензационалното освојување на Премиерлигата, Клаудио Раниери вели дека тој сеуште е истиот човек кој доби отказ од нашиот јужен сосед.

Англија

Лестер направи чудо кое ќе се раскажува со векови, а магионичарот беше Клаудио Раниери за кого ова беше прв голем трофеј во кариерата.

Раниери важеше за еден од најдобрите тренери, но и човек кој никогаш не освоил ништо значајно. Во ноември 2014 година беше отпуштен од Грција. Неколку месеци подоцна беше назначен за менаџер на Лестер, останатото сите го знаете.

„Премногу сум горд и среќен за моите играчи, за претседателот, за целиот персонал во Лестер, за сите наши навивачи за сите во градот. Чувството е неверојатно, пресреќен сум за сите“ - вели Раниери.

„Кога дојдов никогаш не очекував дека ова ќе се случи. Јас сум прагматичен човек кој само сакаше да победува на секој следен меч и да им помага на фудбалерите да напредуваат. Никогаш не помислував каде тоа може да не однесе“.

„Фудбалерите беа фантастични. Нивниот фокус, нивната посветеност, нивниот дух го направи ова возможно. На секој натпревар се бореа едни за други и сакав да го гледам тоа во моите фудбалери. Заслужија да бидат шампиони“.

„Имам 64 години и долго се борам во животот, но секогаш сум позитивен, секогаш мислев ека ќе освојам некоја титула некаде. Јас сум истиот човек кој беше отпуштен од Грција, веројатно таму некој заборавил на мојата кариера“.

„Не дека некој ќе заборави, но сакам уште еднаш да потенцирам дека јас сум истиот човек кој седеше на клупата на Грција. Не сум се променил“.

„Останувам во Лестер. Ова е година која не може да се повтори. Следната сезона ќе се бориме за пласман меѓу најдобрите 10. Мораме да продолжиме да напредуваме“.