24фудбал

Египет против Гана, Алжир со Камерун и Нигерија во квалификациите за Мундијалот 2018

Ждрепката не ги посака фаворитите кои ќе мораат меѓусебно да се елиминираат на патот кон Светското првенство во Русија.

СП 2018

Лоша ждрепка за најпопуларните африкански репрезентации. Денес во седиштето на ЦАФ во Каиро беше извршена ждрепката за последниот трет круг од африканските квалификации за Мундијалот 2018 во Русија на која 20 репрезентации беа поделени во 5 групи со по по 4 тимови.

Најлесно помина Тунис кој во првата група за противници ги доби Либија, ДР Конго и Гвинеја.

Групата Б е групата на смртта каде копјата ќе ги вкрстат Алжир, Камерун Нигерија и Замбија. Овие четири африкански фудбалски гиганти ќе се борат само за едно место кое води во Русија.

Брегот на Слоновата Коска за противник го доби амбициозниот Мароко кој конечно има состав да атакува за пласман на еден Мундијал прв пат по 1998 година.

Претставниците на Сенегал со задоволни лица ја напуштија салата откако ги извлекоа во група со Јужна Африка, Буркина Фасо и Зелено’ртските Острови. Откако беа пријатно изненадување на Мундијалот во 2002, Сенегал го снема од фудбалската карта.

Во последната група ќе се судрат титаните Египет и Гана, додека Конго и Уганда сите однапред ги отпишуваат. Египет иако три пати беше континентален шампион последнава деценија, нема играно на Светско првенство од 1990 година, додека Гана е редовна од 2006.

Само првопласираните репрезентации од секоја група ќе се пакуваат за Русија.

Група А
Тунис
Либија
ДР Конго
Гвинеја

Група Б
Замбија
Камерун
Алжир
Нигерија

Група Ц
Габон
Мали
Брег на Слонова Коска
Мароко

Група Д
Сенегал
Јужна Африка
Буркина Фасо
Зелено’ртски Острови

Група Е
Гана
Египет
Конго
Уганда