24фудбал

Киелини: Сите сме шокирани од Брегзит, се надевам дека нема да има домино ефект

Фудбалерот на Јувентус, Џорџо Киелини жали за исходот од референдумот во Велика Британија, не верува дека тоа ќе има големо влијание на економијата во Европа, но смета дека е лош сигнал од една голема нација.

Италија

Дефанзивецот на Италија, Џорџо Киелини стравува од домино ефект по референдумот во Велика Британија која изгласа заминување од Европската унија.

Киелини како ретко кој фудбалер го образложи својот став за актуелните случувања.

„Ова е сторија која ги шокираше сите утринава. Синоќа си легнавме мислејќи дека Британија ќе остане во ЕУ. За жал тоа не се случи, мислам дека најголемото стравување од ова е домино ефектот кој може да се случи“ - вели Киелини.

„Не верувам дека ова ќе ја промени економијата, единствена грижа е да не почнат референдуми и во другите земји. Жал ми е дека се работеше напорно за да се создаде Европа, а овој глас е симбол на незадоволство“.

„Треба заедно да ги најдеме решенијата на политичките проблеми. Референдум во Италија? Не сум уверен дека Италија би поддржала заминување од Европа“.

„Кога имате незадоволство гласате за промени дури и без дефинитивни планови и мислам дека тоа и се случи на Англија“.

„Прочитав многу работи. Се се случи многу брзо, жал ми е за излегувањето на Британија од Европската Унија. Можеби тоа нема да промени многу, но е лош сигнал од така значајна нација“.