24фудбал

Франција ја наполни мрежата на „рибарите“, Исланд заминува со крената глава! (ВИДЕО)

Франција е во полуфиналето, домаќинот со убедливи 5-2 го победи Исланд и се пласира меѓу четирите најдобри каде што ќе игра против Германија.

ЕУРО 2016

Заврши настапот на Исланд на Европското првенство, островјаните немаа сили да му се спротивстават и на моќниот домаќин кој одигра одличен меч.

Франција уште на самиот старт покажа кој е кој и дека нема да дозволи срам каков што доживеа Англија.

Резултатот беше отворен уште во 12. минута кога Жиру погоди за 1-0, осум минути подоцна Погба со глава реализираше за 2-0.

Беше јасно кој ќе победи, прашање беше само со кој резултат Французите ќе го победат Исланд.

Во 43. минута Паје погоди за 3-0, а пред крајот на првиот дел и Гризман постигна убав гол за убедливи 4-0.

Франција го намали темпото во второто полувреме знаејќи дека треба да ги сочува силите за следниот меч. Тоа го искористи Исланд и преку Сигторсон во 56. минута успеа да намали на 4-1.

Само три минути подоцна Оливие Жиру ја зголеми предноста и на 5-1, конечните 5-2 ги постави Бјарнасон на шест минути пред крајот.

Франција со голем триумф и одлична игра се пласира во полуфиналето каде што за противник ќе ја има Германија.

И покрај поразот Исланд нема за што да тагува, напротив фудбалерите треба да бидат горди на она што го направија, ги надминаа сите очекувања и завршија меѓу најдобрите осум во Европа.