24фудбал

Малку фалеше за сензација на „Максимир“, Вардар поразен од Динамо Загреб

Вардар на два пати го замолкна Загреб, македонскиот шампион два пати имаше водство, но на крајот загуби со 3-2 од Динамо. Повторно пораз од сопствените грешки, искуството се покажа како пресудно во овој двобој.

Лига на Шампиони

Фудбалерите на Вардар храбро му се спротивставија на Динамо Загреб, покажаа одважност, дрскост, офанзивна и борбена игра, но не успеаа да ја анулираат негативата од Скопје.

Вардар во 9. минута ја имаше првата голема шанса, Асани го помина голманот Јажина, но сепак тој успеа некако да се врати и некако ја одбрани топката.

Во 38. минута Хамбарџумјан со глава ја погоди стативата од голот на Динамо Загреб, тоа беше и најава за водството.

Веќе во следната минута Дарко Велкоски испука вистински проектил од 30 метри и му донесе водство на Вардар од 1-0.

Во 43. минута Судани ја погоди пречката од голот на Алексовски, Вардар замина со предност на одморот.

По десет минути игра во вториот дел, Хамбарџумјан направи прекршок за пенал врз Рог, судијата покажа на белата точка. Пјаца беше сигурен реализатор за 1-1.

Само седум минути подоцна нов шок на Максимир, по една одлична акција на Вардар, Шилденфилд си постигна автогол за предност на македонскиот тим од 2-1, во тие моменти конечниот резултат беше израмнет.

Во 70. минута нов пенал за Динамо Загреб, Спировски играше со рака, судијата го виде тоа и покажа повторно на белата точка. Пјаца погоди за израмнување на 2-2.

Само четири минути подоцна натпреварот беше решен, Мачадо биеше од далечина, топката удри во Новак, го измами Алексовски и заврши зад неговата мрежа.

Вардар одигра уште еден добар натпревар но загуби, се чини дека искуството пресуди во овој двобој. Македонскиот шампион го заврши настапот во Европа, сега ќе се насочи на подготовките за домашното првенство.