24фудбал

Милевски: Натпреварот против Северна Ирска ќе биде најтешкиот досега

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски вели дека поради императивот победа дуелот против Северна Ирска ќе биде најтешкиот во досегашниот дел од квалификациите.

Македонија

Младата репрезентација на Македонија го игра најдобриот квалификациски циклус на една фудбалска селекција на нашата земја. На два кола до крајот има реални шанси за пласман на Европското првенство. За осигурување на второто место кое може да води во баражот потребни ни се две победи во последните два меча кои ги играме во Скопје, најпрво против Северна Ирска, а потоа и против Шкотска, а со малку среќа би можеле да дојдеме и до првата позиција, но тоа зависи и од Исланд.

Утре надежите излегуваат на мегдан против Северна Ирска, селекција која е последна во групата, но со игрите покажа дека не заостанува многу од другите. Милевски повикува на максимален ангажман бидејќи според него ова е најтешкиот меч.

„Да не се лажеме. Овој натпревар против Северна Ирска кога го носиме силно императивот за победа е најтешкиот за нас во овој квалификациски циклус. Имавме два состаноци со фудбалерите и гледајќи ги, забележувам дека и тие самите се свесни дека утре не чека најтешкиот натпревар. А, тоа е добро. Затоа што утре треба да дадеме 20% повеќе од секое претходно наше издание и во квалитет, и во дисциплина и во одговорност во игра ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат. Во спротивно, ако потфрлиме, ако ги потцениме, ако не бидеме на нивото од претходните изданија, нема да можеме на крај да се радуваме“ - истакна Милевски.

„Северна Ирска воопшто не е наивен противник како што се чини. Ако се погледнат сите нивни натпревари ќе видите дека тешко губат, играат цврст, одличен фудбал. Водеа и против нас на првиот натпревар, што значи мора максимално сериозно да му пристапиме на дуелот“.