24фудбал

Падна и Северна Ирска, македонските надежи чекорат кон Европско првенство!

Македонската репрезентација до 21 година направи крупен чекор кон пласман на Европското првенство откако ја совлада и селекцијата на Северна Ирска со 2-0.

Македонија

Македонските надежи прокнижија уште три големи бода на патот до историски успех, пласман на Европско првенство. На арената „Филип Втори“ падна селекцијата на Северна Ирска.

Македонија беше подобар противник, ја контролираше играта во текот на целиот меч и на крајот заслужено славеше победа.

Северна Ирска покажа дека е квалитетна селекција, имаше неколку шанси и за гол, но можеше да си замине и со поубедлив пораз.

Резултатот беше отворен во 37. минута кога по центаршут на Аврамовски, Доерти ја затресе сопствената мрежа за водство на Македонија од 1-0.

Конечните 2-0 ги постави Маркоски на пет минути пред крајот.

Франција со 2-0 го победи Исланд по што македонската репрезентација сега е осамена на врвот во групата.

Македонија има 18 бодови, Франција 17, Исланд 15 но и натпревар помалку, следува Украина со 15, Шкотска со 8 и Северна Ирска со само еден бод.

За директен пласман на Европското првенство потребна ни е победа во последното коло против Шкотска но и Исланд да не победи еден од своите преостанати два натпревари. Во спротивно само со наш триумф ќе бидеме втори и би требало да играме бараж.