24фудбал

Борусија и Реал одиграа без победник, нов триумф за Лестер (ВИДЕО)

Дербито на вечерта во Лигата на шампионите помеѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид заврши без победник 2-2, Лестер славеше нова победа, прва на домашен терен во елитното натпреварување откако го совлада Порто со 1-0.

Лига на Шампиони

Борусија Дортмунд и Реал Мадрид одиграа интересен дерби меч кој заврши без победник 2-2. Реал Мадрид на два пати имаше водство, Борусија Дортмунд успеваше да изедначи.

Резултатот беше отворен во 17. минута кога Роналдо по асистенција од Бејл погоди за водство од 1-0. Пред крајот на полувремето Обамејанг изедначи на 1-1.

Во 68. минута од натпреварот Варан го врати водството на Реал Мадрид, но во самиот финиш од мечот Шурле ги постави конечните 2-2.

Јувентус ја оправда улогата на голем фаворит на гостувањето кај Динамо Загреб и победи со убедливи 4-0.

Пјаниќ го отвори резултатот во 24. минута, седум минути подоцна Игуаин зголеми на 2-0, третиот погодок беше дело на Дибала во 57. минута, а Семпер си постигна автогол во финишот за конечни 0-4.

Лестер со 1-0 го совлада Порто во првиот, историски меч на свој терен од Лигата на шампионите и ја забележа втората победа во елитното натпреварување. Херојот овој пат беше новото засилување Слимани кој погоди со асистенција на Марез.

Тотнем со погодок на Сео Хеунг Мин во 71. минута победи на гостувањето кај ЦСКА Москва со минимални 1-0. Со 1-0 заврши и мечот помеѓу Севиља и Лион, стрелец на голот беше Бен Једер.

Монако со прекрасен гол на Глик во 94. минута се спаси од пораз на свој терен против Леверкузен, натпреварот заврши 1-1, водство за германскиот тим донесе Чичарито.

Спортинг Лисабон со 2-0 ја победи Легија, ФК Копенхаген со убедливи 4-0 го совлада Бриж.