24фудбал

Реал прокоцка предност од 2-0, Ројс ја остави Борусија на првото место (ВИДЕО)

Реал Мадрид имаше водство од 2-0 но не успеа да победи против Борусија Дортмунд, Марко Ројс со гол во 88. минута ја остави германската екипа на првото место.

Лига на Шампиони

Реал Мадрид имаше водство од 2-0, но на крајот Борусија Дортмунд се радуваше на реми кое значеше останување на првото место на табелата.

Резултатот беше отворен во 28. минута кога по асистенција од Карвахал, Бензема постигна гол за водство од 1-0. По седум минути игра во второто полувреме францускиот напаѓач постигна уште еден гол за предност од 2-0.

Во 61. минута по асистенција на Шмелцер, Обамејанг го совлада Навас и ја врати екипата на Дортмунд во игра, а во 88. минута Марко Ројс погоди за конечни 2-2 и молк на Сантијаго Бернабеу.

Јувентус дојде до очекуваниот триумф против Динамо Загреб, италијанскиот тим победи со 2-0. Хрватскиот тим долго време даваше отпор кој конечно беше скршен во 52. минута од Игуаин, во финишот на мечот Ругани го постигна финалниот резултат.

Порто со убедливи 5-0 го декласираше Лестер и дојде до втората позиција која води во осминафиналето. Откако во минатото коло го завери и првото место, Раниери денеска извади втор состав што му овозможи лесна победа на португалскиот тим.

Во директниот дуел за третото место на табелата Тотнем со 3-1 ја совлада ЦСКА Москва. Во Лига Европа ќе оди и Копенхаген кој со 2-0 славеше кај Клуб Бриж.

Леверкузен со убедливи 3-0 го доби дербито со Монако кое немаше резултатско значење, Лион и Севиља одиграа без голови 0-0, а Легија со 1-0 го совлада Спортинг Лисабон и обезбеди место во Лига Европа.