24фудбал

Конте ги „пецна“ Мурињо и Гвардиола: Не можете со пари да ја купите титулата во Премиерлигата

Менаџерот на Челси, Антонио Конте испрати провокација до своите колеги од Манчестер Сити и Манчестер јунајтед, и им порача дека парите не гарантираат успех

Англија

Пред почетокот на сезоната, сите очи беа вперени во Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо, кои седнаа на кормилото на двата клуба од Манчестер.

Но Антонио Конте и Маурисио Покетино го украдоа шоуто, и двата клуба од Лондон се тие кое се борат за титулата.

„Оваа сезона покажува дека оној што троши најмногу не мора да победува – вели Антонио Конте.

„Во спротивно, на врвот немаше да бидат екипи како Челси и Тотенхем. Или Арсенал и Ливерпул. Ме разбирате?

Запрашан дали очекува клубовите од Манчестер летоска одново да потрошат огромни суми на засилување, Конте одговори: „Да, исто како и секоја година.

„Можете да погледнете што правеа во минатото, можете да видите дека секоја сезона трошат многу пари.

„Тоа е нормално за нив. Доколку мислат дека тоа е начинот кој ќе им донесе титули, слободно нека трошат пари.

„Секој клуб си има своја стратегија.

Челси пред почетокот на сезоната потроши околу 110 милиони фунти на засилувања, Манчестер јунајтед нешто помалку од 150 милиони фунти додека пак Манчестер Сити потроши 140 милиони фунти, и уште 27 милиони фунти во јануари за Габриел Жесус.