24фудбал

Малку фалеше за победа, Македонија против Србија го освои првиот бод на Европските првенства (ВИДЕО)

Македонија во последните минути прими гол од Србија и пропушти да ја забележи првата победа на Европските првенства, натпреварот заврши 2-2, го освоивме првиот бод.

Македонија

Македонија со одлична игра во второто полувреме направи пресврт, од негатива од 1-0, поведовме со 2-1, но на крајот го пропуштивме водството и освоивме само бод, а можевме да се радуваме на победа.

Србија доминираше во воведниот дел од натпреварот, Македонија имаше послаба игра од онаа против Шпанија, најчесто се играше на нашата половина.

Таквата иницијатива Србија ја крунисаа во 24. минута кога поведоа со гол на Гациновиќ, но погодокот беше постигнат од нерегуларна акција. Асистентот на погодокот, Ѓурѓевиќ беше во длабока офсајд позиција кога ја прими топката, но шкотските судии не го забележаа тоа.

Македонија прв пат се закани во финишот од првото полувреме кога Енис Барди изведе слободен удар, но неговиот одличен шут го одбрани Милинковиќ-Савиќ.

Во второто полувреме Македонија беше многу поконкретна, во 50. минута нов одличен шут на Енис Барди од слободен удар, но голманот на Србија уште еднаш успешно интервенираше.

Во 63. минута по центаршут на Елмас, Живковиќ играше со рака, судијата покажа на белата точка. Енис Барди беше сигурен реализатор од белата точка, израмни со првиот, историски гол за Македонија на Европските првенства.

Следуваше рамноправна битка и двете репрезентации сакаа да постигнат втор погодок, имаа напади Србите, но имавме и ние.

Во 83. минута од натпреварот нововлезениот Ѓорѓев постигна прекрасен гол за комплетен пресврт и водство на Македонија од 2-1.

Требаше да издржиме уште десетина минути, но не успеавме, Србија во 90. минута постигна гол и ги постави конечните 2-2.

Задоволни сме од првиот бод на Македонија на Европските првенства, но можевме да се радуваме и на победа.