24фудбал

Работнички скапо ги плати неискористените шанси во реваншот, „Романтичарите“ елиминирани (ВИДЕО)

Убедлив пораз на Работнички во реваншот против Динамо Минск во мечот од второто квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лига Европа.

Македонија

Откако првиот меч во Скопје заврши нерешено со резултат 1-1, денешниот заврши со убедлива победа на белорускиот претставник со 3-0, но резултатот не ја говори реалната слика од теренот.

Првото полувреме мина мошне динамично, со шанси на обете страни, првата ја имаа домаќините во 17. минута со ударот од далечина на Нојок, за среќа непрецизен.

Две минути потоа Работнички лесно можеше да го шокира домаќинот, но ударот на Трајчевски кој излезе сам очи во очи со противничкиот голман, беше крајно непрецизен.


Следеше казна во 21. минута, кога Нојок ги доведе во почетно водство Динамо Минск од 1-0.


Во втората половина на првиот дел Работнички дојде до неколку мини-прилики преку Алили, Дурански, Најденов и Велинов, но нивните шанси не беа искористени, па така домаќините го сочуваа минималното водство до истекот на првите 45 минути игра.


Ќе издвоиме дека во првото полувреме, ниту еден од петте удари кон противничкиот гол од страна на фудбалерите на Работнички, не беше во рамките на голот на Динамо Минск.

„Романтичарите“ продолжија со офанзивна игра и во почетната фаза од второто полувреме, но повторно немаа идеја како да ја сместат топката во противничкиот гол. Рашо и Сахити се најдоа во изгледна прилика да погодат, но не успеаа во намерата.


Неверојатна прилика за дуплирање на водството имаа домаќините во 59. Минута, но Шишковски забележа одлична интервенција во стопроцентната прилика за Динамо Минск и ги одржа во живот шансите за прогрес во следната рунда квалификации од Лига Европа.

Шансите за Работнички продолжија да се нижат, најпрво Сахити, па потоа Дурански и на крајот Маркоски во само две минути имаа можност да израмнат од одлични прилики, но не успеаа.


Стигна нова казна за неискористените прилики на Работнички во Белорусија, Динамо Минск зголеми на 2-0 со погодокот на Галовиќ со глава по една корнер ситуација во 70. минута.


Сарока во 84. минута ги доведе домаќините во водство и од 3-0, со што целосно се срушија надежите за чудо во завршницата од мечот во Белорусија.


Работнички: Шишковски, Најдовски (Сахити 30’), Митрев, Херера (Кадриу 69’), Дурански (Станковски 82’), Најденов, Велинов, Маркоски, Билали, Трајчевски и Рашо.

Мечот на арената „Трактор“ во Минск го суди Французинот Николас Рејнвил.

 

Фото: ФК Динамо Минск (Facebook)