24фудбал

Што друго ако не пари, милионите се причина за војната помеѓу Кавани и Нејмар?!

Лекип пишува што се крие зад конфликтот помеѓу Единсон Кавани и Нејмар, весникот вели дека причината најверојатно лежи во бонусот од 1 милион евра кој треба да го добие Еднинсон Кавани

Франција

Единсон Кавани и Нејмар се во фокусот на медиумите откако дуото на ПСЖ три пати се натегаше кој да шутира пенал.

Но по дуелот со Лион, расправијата од терените се преселила во соблекувалната. Извештаите велат дека Уругваецот и Бразилецот биле многу блиску до физичка пресметка, а капитенот Тиаго Силва морал да ги раздели и да спречи тепачка.

Лекип сега пишува што се крие зад конфликтот помеѓу двајцата напаѓачи, весникот вели дека причината најверојатно лежи во бонусот од 1 милион евра кој треба да го добие Единсон Кавани доколку биде прв стрелец во првенството на Франција.

Тој претходно не можеше да стигне до овој бонус од Златан Ибрахимовиќ, а откако Швеѓанецот си замина од Париз, Единсон Кавани минатата сезона со леснотија стигна до титулата „Златна Копачка“ во Лиг 1.

Но пристигнувањето на Нејмар ги менува работите, Бразилецот сега му е прилично сериозен конкурент за насловот прв стрелец, па се верува дека затоа Единсон Кавани не му дозволува да шутира пенали.