24фудбал

Милан со ултиматум до Монтела, Јуве може да му пресуди на стратегот

Медиумите од Италија пишуваат дека „Росонерите“ му поставиле ултиматум на Винченцо Монтела, за иднината на стратегот клучни се следните три натпревари во Серија А

Италија

Сезоната не започна онака како што се надеваа лидерите на Милан, по осум кола, клубот од Сан Сиро има четири победи и исто толку порази, и сериозно заостанување зад водечките.

Тренерското столче на Винченцо Монтела се ниша со оглед на тоа дека летоска беа потрошени преку 220 милиони евра на засилувања, но „Росонерите“ се уште се трпеливи со оглед на тоа дека до крајот на сезоната има уште 30 натпревари и во игра се 90 бодови

Сепак, работите би можеле да се променат до крајот на месецот, и според пишувањата на Ил Џорно, Милан поставил ултиматум до својот тренер.

За Винченцо Монтела се клучни следните три натпревари во Серија А. Од стратегот се бара да донесе шест бода од средбите со Џенова и Киево, и добар резултат во дербито со Јувентус кое е на програмата на 28. октомври.

Па доколку „Росонерите“ не слават на следните два натпревари и потоа загубат од „Старата Дама“, веројатно Винченцо Монтела ќе добие „клоца“ на крајот од месецот или на стартот од следниот.