24фудбал

Агентот на Де Брујн: Ако говориме за платата на Нејмар и Мбапе... тогаш колку треба мојот фудбалер да заработува?

Манчестер Сити и агентот на Белгиецот во периодот кој претстои ќе разговараат околу повисока плата за фудбалерот кој игра во извонредна форма

Англија

26 годишниот белгиски интернационалец од редовите на Манчестер Сити, Кевин Де Брујн игра во фантастична форма и воедно е еден од предводниците на англискиот Премиерлигаш кој сезонава се чини дека тргна мошне сериозно во битката за титулата во најсилниот англиски шампионат.

Де Брујн доби пофалби за своите перформанси и од шпанскиот стратег Пеп Гвардиола, а сега неговиот агент, Патрик Де Костер говорејќи за италијанското „Radio Crc вели дека несомнено дека неговиот фудбалер заслужува поголема плата од онаа моменталната која изнесува 115.000 фунти на неделно ниво, или 6 милиони фунти годишно.

Неговата заработувачка? Не можам да бидам поконкретен од следново што ќе го кажам... Доколку погледнете колку заработуваат Нејмар и Мбапе, тогаш можете да претпоставите за што се работи...“ вели Де Костер.

Нејмар во ПСЖ заработува околу 600.000 фунти неделно, додека пак тинејџерот и негов соиграч од францускиот тим е платен 320.000 фунти неделно.

Очекувањата се Де Брујн да добие дуплирање на својата заработка на годишно ниво, или поточно, наместо сегашните 6 милиони, да заработува 12 милиони фунти.

Инаку, актуелниот важечки договор на Белгиецот со Манчестер Сити истекува во 2021. година, но неговите фантастични партии сигурно дека ќе бидат добар основ за претстојните преговори помеѓу обете страни.