24фудбал

Вардар против Реал Сосиедад ги брка првите бодови во Лига Европа

Вардар денеска со почеток од 19 часот го пречекува Реал Сосиедад во натпревар од третото коло од Лига Европа, македонскиот шампион атакува на првите европски бодови.

Македонија

„Црвено-црните“ денеска го играат третиот меч од своето историско учество во групната фаза од Лига Европа, противник е шпанскиот клуб, Реал Сосиедад.

Реал Сосиедад е една од најдобрите шпански екипи која оваа сезона игра особено офанзивен фудбал. Дава многу голови, но и прима. По седум одиграни кола во Примера е на седмото место со 19 дадени и 17 примени погодоци.

Во Лига Европа го демолираа Розенборг со 4-0, но потоа со 3-1 загубија на гостувањето кај Зенит. Во Скопје се фаворити и нивната цел е јасна, победа.

Но, триумф сака и Вардар, македонскиот шампион веќе почувствува што значи да се биде дел од големо европско првенство. Одигра лош меч против Зенит, но напредокот беше очигледен кај Розенборг иако и од таму се врати со пораз. За подигнување на самодовербата би требало да влијае и победата во дерби дуелот со Шкендија.

Доколку фудбалерите на Чеде Јаневски одиграат без страв, со фокус и дисциплина во тактиката која ќе ја добијат од тренерот, може да се надеваат на првите европски бодови во својата историја.

„Реал Сосиедад е тим кој доаѓа од едно од најсилните првенства, има тим за секоја почит. Тие и Зенит се главни фаворити за првите две места во групата. Имаат победа и пораз, па сигурно утре ќе сакаат да освојат нови три бода. Нашата форма е во нагорна линија, тоа го покажавме и против Розенборг, по триумфот со Шкендија видов дека имаме самодоверба и подготвени сме да ги освоиме првите бодови во групата“ - вели Чеде Јаневски.

„Добро го анализиравме противникот, гледавме натпревари и од Примера и од Лига Европа, мора да бидеме максимално фокусирани и дициплинирани доколку сакаме да ја оствариме целта и да дојдеме до трите бода. Тие се офанзивен тим кој игра со брзи додавања и оди на гол повеќе“.

За вечерашниот натпревар, Јаневски нема да може да смета на Муслиу, Брдаровски и Велковски, сите тројца се надвор од теренот поради повреди.

Денеска се очекува и повеќе публика во однос на натпреварот помеѓу Вардар и Зенит. Навивачите треба да создадат атмосфера која ќе ги понесе фудбалерите во битката против шпанскиот тим.