24фудбал

Милан би можел да биде исфрлен од европските натпреварувања!?

Денешното издание на Марка има сензационална вест, весникот од Шпанија пишува дека Милан би можел да биде исфрлен од европските натпреварувања поради непочитување на правилата за Финансиски фер плеј

Италија

Изминатово лето „Росонерите“ потрошија преку 200 милиони евра на засилувања откако клубот премина во рацета на сопственици од Кина, но резултатите на почетокот од сезоната се далеку под очекувањата.

Лошите игри и поразите не се единствениот проблем, подолго време се говори дека кинеските газди се сомнителни и веќе сега бараат нови инвеститори за да се покрие заемот кој беше земен за да се купи клубот.

Очигледно пред Милан се турбулентни времиња, а на навивачите сигурно нема да им се допадне денешната сторија на Марка.

Шпанскиот весник пишува дека клубот од Сан Сиро е на „тапет“ кај УЕФА поради непочитување на правилата за Финансиски фер плеј.

Делегација на Милан предводена од првиот човек Марко Фасоне пред две недели била во Нион за да го објасни новиот проект пред европската куќа на фудбалот.

Но аргументите и документите кои ги презентирале не ги убедиле луѓето од УЕФА.

Александер Чеферин и неговиот тим пред се бараат гаранции за промената на сопственоста од Фининвест (компанијата преку која Силвио Берлускони го поседуваше Милан) на компанијата Росонери Спорт Инвестмен Лукс, која ја основаа бизнисмените од Кина.

Се бараат и гаранции дека потрошените пари за нови засилувања се базираат на реални финансии.

Па Милан сега ризикува да добие сериозна казна, а Марка говори и за можно исфрлање на „Росонерите“ од Лигата на шампионите и Лига Европа.