24фудбал

„Мислев дека Бугарија е Европска унија” – на екс-играч на Волфзбург, Атлетико и Сити му снема 2 милиони евра од сметка во банка

Поранешниот репрезентативец на Бугарија со богата кариера во странство, Мартин Петров откри дека од неговата банкарска сметка снемало 3,8 милиони лева, или речиси 2 милиони евра

Останато

Мартин Петров долги години печалеше во странство, во клубови како Сервет, Волфзбург, Атлетико Мадрид, Манчестер Сити и Болтон, а на залезот од кариерата се врати во ЦСКА Софија, клубот каде што настапуваше и на почетокот.

Иако е пензиониран од 2014, тој сега е во центарот на вниманието откако од неговата сметка во Уникредит Булбанк снемало 3,8 милиони лева, или речиси 2 милиони евра.

„Да, за жал овој скандал е вистинит – вели Мартин Петров. „Не ми се верува дека ваков грабеж може да се случи во земја од Европската унија. Чесно ги заработив парите во странство и решив да ги чувам во сопствената земја. И видете што се случи сега...

Медиумите од Бугарија пренесуваат дека Мартин Петров во август дознал за проневерата кога посетил експозитура на Уникредит Булбанк.

Тогаш исто така дознал дека неговиот личен банкар, не работи таму веќе десет месеци, но и покрај тоа продолжил да му дава информации за сметката, депозитите и трансакциите.

Мартин Петров пред да поднесе тужба побарал детална истрага, која покажала дека во периодот од 2007 до 2017 биле направени повеќе од 450 трансакции без негово знаење, согласност и потпис.