24фудбал

Вардар со реми и еден освоен бод го заврши своето учество во Лига Европа (ФОТО + ВИДЕО)

Македонскиот првак со еден бод го завршува своето прво, дебитантско учество во Лига Европа откако ремизираше на домашен терен во Скопје против Розенборг.

Македонија

Вардар одигра реми против Розенборг со 1-1 на домашен терен во шестото, последно коло од групата „Л“ во дебитантската сезона од Лига Европа. Пет порази, и едно реми, тоа е севкупниот учинок на крајот од групната фаза за црвено-црните.

Иако имаше шанси, сепак, нашиот претставник не успеа со победа да ја заврши својата авантура во второто по ранг европско клупско натпреварување, прв поведе на мечот во Скопје, но во самиот финиш на првиот дел по една кобна грешка дозволи израмнување на гостите.





Црвено-црните добро го почнаа мечот, а голот дојде во 9. минута, најнапред Николов испрати топка кон казнениот простор на гостите, истата ја прифати Итало кој одлично се загради и ја смести во голот на Розенборг.


Итало можеше да го дуплира водството на нашиот претставник во 23. минута, по една брза и убава полуконтра, Бразилецот сепак не погоди по асистенцијата на Николов од страна, а гостите се спасуваа. Веднаш по ова, од корнер Новак биеше прецизно со глава, но неговиот обид со крајни напори голманот на Розенборг го расчисти а топката притоа удри и во дирекот.

Повторно Бразилецот имаше прилика, овој пат во 27. минута, но неговиот удар повторно го намачи Хансен кој за негова среќа ја расчисти и оваа опасност кон неговиот гол.

Во самиот финиш од првите 45 минути игра, Барсегјан имаше голема грешка кога од средината на теренот се обиде да ја врати топката назад до Гачевски, тоа го стори доста лошо, а на таа топка натрча Адегбенро.

Нигериецот беше незапирлив во дуелот со Новак, Украинецот немаше никакви шанси во оваа прилика а Гачевски на крајот го „собори“ во казнениот простор при што се досуди удар од белата точка.

Сигурен реализатор беше Никлас Бендтнер за 1-1 од првото полувреме.


Убав обид имаше Фелипе по само шест минути игра во вториот дел, од слободен удар, негова позиција од која Бразилецот за малку беше непрецизен и биеше над голот.

Новак во 75. минута биеше прецизно со глава по нафрлената топка од страна на Фелипе, но Хансен беше поуспешен во оваа ситуација.

Резултатот 1-1 остана се до крајот на средбата, а Вардар го освои првиот бод во дебитантската сезона од Лига Европа.

Вардар: Гачевски, Демири, Новак, Грнчаров, Муслиу, Николов (Марковиќ 80), Глигоров, Блажевски (Џигаури 84’), Фелипе, Барсегјан и Итало.

Мечот на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје го судеше украинскиот арбитар Серхи Боико.