24фудбал

Чуден натпревар на Камп Ноу, Меси не можеше да погоди ни од пенал а Паулињо постигна два гола (ВИДЕО)

Барселона лесно се справи со Депортиво Ла Коруња во еден чуден натпревар во кој Лео Меси никако не можеше да погоди а Паулињо ни крив ни должен постигна два гола

Шпанија

„Каталонците“ со +11 на табелата ќе патуваат следнито викенд на гостувањето кај лутиот ривал Реал Мадрид, Барселона вечерва без многу проблеми со 4-0 славеше во дуелот со Депортиво Ла Коруња.

Гостите лесно можеа да примат и 10 гола, Лео Меси немаше своја вечер откако во три наврати ја погоди рамката од голот, неколку пати опасно шутираше крај голот, а промаши и пенал.

И додека на Аргентинецот ништо не му поаѓа од рака, летното засилување Паулињо ни крив ни должен додаде уште два гола зад своето име. Бразилецот, на чија адреса летоска пристигнаа голем број на критики, беше на право место во право време во два наврати и ја смести топката откако Меси односно Алба ја погодоија стативата.

Два погодока постигна и Луис Суарез, тој го отвори резултатот во 29. минута откако Лео Меси несебично го проигра, а потоа ја затресе мрежата на противникот и на стартот на вториот дел.

И Уругваецот еднаш ја погоди стативата, а исто така сметаше и дека постигна мошне атрактивен гол, но судиите останаа неми, а ниту повторените снимки не можат со сигурност да потврдат дали топката ја мина гол линијата.