24фудбал

Во ПСЖ зборуваат едно, во Бразил друго, кога ќе се врати Нејмар на терените?

ПСЖ и Бразил се на различна бранова должина околу враќањето на Нејмар, првиот човек на „Светците“ сака да го види напаѓачот на терените на почетокот од април а „Кариоките“ говорат за пауза од три месеци

Франција

ПСЖ и Бразил се натегаа за тоа дали Нејмар треба да оди под нож, а очиглендо ќе влезат и во нова војна, овој пат за временскиот период кој ќе му биде потребен на играчот да ја санира повредата.

Првиот човек на „Светците“, Насер Ал Келаифи изрази желба да го види напаѓачот на терените за дуелите од четвртфиналето во Лигата на шампионите, кои се на програмата на почетокот од април, секако доколку ПСЖ го елиминира Реал.

„Секако дека сме разочарани и тажни но операција е најдобрата одлука за играчот, за клубот и за репрезентацијата на Бразил. Немавме избор. Имавме средба со докторот на „Кариоките“, нашиот доктор, семејстовот на играчот и самиот Нејмар. Сите се сложивме со одлуката тој да оди под нож. Тоа беше тешка одлука, но не сакавме да ризикуваме. Не сакавме да трошиме време, па се надевам дека ќе биде подготвен за четвртфиналето од Лигата на шампионите – вели Ал Келаифи.

Но од Бразил стигнуваат сосема различни информации. Утрово Нејмар слета во Рио во придружба на докторот на „Кариоките“ кој порача дека играчот ќе паузира помеѓу два ипол и три месеци.

„Се работи за незгодна фрактура на коска на средината од стапалото. Операцијата ќе биде извршена во сабота наутро. Процесот на рехабилитација ќе трае помеѓу два ипол и три месеци. Ќе знаеме повеќе откако ќе биде извршена операцијата – вели Родриго Ласмар.

Со ваква прогноза, сезоната за Нејмар е практично завршена, тој на терените ќе се врати дури во втората половина на мај за последниот натпревар од првенството и евентуално финале од Лигата на шампионите.

Медиумите од Бразил исто така се обидоа подобро да ја доволат сликата за временската рамка правејќи споредба со повредата на Габриел Жесус на почетокот од 2017. Фудбалерот на Манчестер Сити на 13. февруари заработи фрактура на петата метатарзална коска на стапалото и замина под нож. Тој започна да тренира по седум недели, но се врати на терените дури на 28. април, два ипол месеци по повредата.