24фудбал

Девет гола на Бернабеу, четири од нив на Кристијано Роналдо (ВИДЕО)

Реал Мадрид со 6-3 ја победи Жирона, четири од шестте погодоци на кралскиот клуб беа дело на Кристијано Роналдо.

Шпанија

Кристијано Роналдо со фантастична партија го предводеше Реал Мадрид до нови три бода во Примера, Жирона загуби иако постигна три гола на Бернабеу.

Роналдо својата серија погодоци ја започна во 11. минута кога по асистенција од Крос погоди за 1-0. Но лошата поставеност на одбраната го чинеше домаќинот погодок во 29. минута, Стуани со глава изедначи на 1-1.

По само две минути игра во второто полувреме убава акција на Реал Мадрид која Роналдо ја реализираше за ново водство, овој пат од 2-1.

Во 59. минута Роналдо овој пат беше во улога на асистент, додаде до Лукас кој ја зголеми предноста на 3-1. Пет минути подоцна Португалецот погоди за 4-1 и негов хет-трик.

Брзо потоа Стуани постигна нов гол и намали на 4-2, но сите надежи за гостите ги урна Герет Бејл во 86. минута зголемувајќи на 5-2. Само две минути подоцна Хуанпе погоди за 5-3.

Точка на мечот стави тој и кој ја почна серијата, Кристијано Роналдо во судиското продолжение го постигна својот четврти гол за конечни 6-3.