24фудбал

Сколари си поднел оставка

Според пишувањата на медиумите од Бразил, Луис Фелипе Сколари си поднел оставка, во текот на денот официјално ќе биде потврдено неговото заминување од репрезентацијата на Бразил

СП 2014

’Кариоките’ беа декласирани од Германија во полу-финалето со високи 7-1, а потоа загубија и со 3-0 во дуелот со Холандија во натпреварот за третото место.

И покрај ваквиот кошмарен крај на мундијалот за домаќинот, селекторот Луис Фелипе Сколари истакна дека нема да си поднесе оставка, и одлуката за неговата иднина им ја препушти на челниците на Фудбалската Федерација на Бразил.

Но неколку медиуми од Бразил пренесуваат дека 65 годишниот стратег се предомислил, и ја информирал ФФБ дека ќе се повлече од селекторското столче.

Извештаите велат дека во текот на денешниот ден ќе пристигне официјална потврда за негово заминување од репрезентацијата на ’Кариоките’.

65 годишниот стратег го предводеше Бразил до титулата на светското првенство во 2002, но сега не успеа да го повтори овој успех.

’Кариоките’ во пресрет на мундијалот беа фаворит број еден, но не го оправдаа овој епитет.

Стартуваа со контроверзна победа над Хрватска, одиграа нерешено против Мексико, за со сигурна победа над Камерун да го обезбедат првото место во својата група.

Потоа славеа над Чиле во осмина-финалето и над Колумбија во четврт-финалето.

Но кога наидоа на првиот сериозен тест, во полу-финалето доживеаа дебакл во натпреварот против Германија и пораз од 7-1, највисок во нивната историја.

Овој срамен резултат очигледно остави трага врз играчите, па Бразил во саботата одново доживеа пораз, овој пат од 3-0 во дуелот со Холандија за третото место.