24фудбал

Бетмен велит: Сантјаго Бернабеу - стадион кој фасцинира

На 18-ти јануари, без експозиција и заплет, директно во зоната на кулминација, сцената на која ќе се одигра првата битка меѓу вечните ривали од Кастиља и Каталонија се вика „Сантјаго Бернабеу“, домот на Реал Мадрид.

Колумни
Вкупно 7-миот стадион на мадридски Реал е изграден речиси врз самиот стар „Чамартин“, стадионот на тимот во чија најблиска околина претседателот на Реал Мадрид Сантјаго Бернабеу во 1944 година купува земјиште на кое планира да го гради новиот „Чамартин“. Изградбата започнува и дел од конструкцијата на првата верзија од она што денес се вика „Сантјаго Бернабеу“, токму во чест на претседателот на Реал, морала да причека да заврши сезоната за да може да се комплетира источната трибина која според планот на архитектите Алемањи и Муњоз, влегувала во еден дел од стариот „чамартин“.
 
 
Во декември 47-та година со мечот меѓу Реал и Белененсес официјално е пуштен во употреба новиот дом на кралскиот клуб со дворедни трибини од три страни и пониска трибина на источната страна, онаму каде што стоел стариот стадион на клубот.
 
Пет години по отворањето, започнува неговата надградба: се ремоделира источната трибина која овој пат содржи и трет „амфитеатрален“ ред, а од двете страни е фланкирана со две кубични кули. Во овој период Чамартин има капацитет од 120,000 гледачи и една прекрасна грациозна архитектонска линија која го прави да се истакнува во споредба со другите стадиони во Шпанија.
 
 
После одлуката финалето на СП во фудбал во 1982 година да се игра на овој стадион, станува јасно дека, веќе прекрстениот во „Сантјаго Бернабеу“ стадион треба да претрпи сериозна реконструкција. Добива покрив кој како поклопец на пластична кутија легнува цврсто врз формата на стадинот, а едноставната свиена линија се вклопува во модерната симетрија која ја има домот на Лос Бланкос.  
 
 
Наредната значајна фаза во моделирањето на стадионот е во раните 90-ти години на минатиот век. За разлика од случувањата на Местаља или Камп Ноу, мадридски Реал има мал проблем доколку сака да го симне теренот некое ниво подолу за да отвори простор за дополнителни редови трибини - токму под „Бернабеу“ минува една линија од мадридското метро. Затоа, секоја реконструкција подразбира „патување“ нагоре, кон небото. Кровот е отстранет за време на проширувањето и „шминкањето“ на стадионот, особено на неговата источна трибина, а подоцна вратен на место. По реакциите на фановите кои седат во најдолните редови на „западот“, поставен е и „монтажен“ кров, за нивна заштита.
 
 
Последната голема промена доаѓа во времето на „првото владеење“ на сегашниот претседател Флорентино Перез, кој исто така „си наоѓа работа“ на источната трибина каде, меѓу другите, седи и тој, заедно со членовите на бордот на директори, специјалните гости и новинарите. Изграден е нов ред и нов покрив, со што стадионот е комплетно затворен, двете кубични кули се заменети со вип ложи, а изградени се нови прес сали, барови, ресторани, како и греење и на покривот, за полесно следење на мечевите во зимскиот период, и на теренот бидејќи со новата висина на трибините на „Бернабеу“, тревата често е во „осојница“.
 
 
Го сакале вие или не, една работа важи: Реал Мадрид има прекрасен стадион, архитектонски фасцинантен поради комплицираната структура низ еволуциониот период, и стадион кој го задржува интегритетот на клубот низ годините. „Сантјаго Бернабеу“ е вистински монумент на најтрофејниот клуб во Европа во минатиот век.
 
Автор: Бетмен велит