24фудбал

Буфон од сопствен џеб платил приватен авион за навреме да стигне од Лондон на погребот на Астори

Џиџи Буфон уште еднаш покажа дека не само што е фудбалски џентлмен туку е и голем човек, голманот од сопствен џеб платил приватен авион за делегацијата на Јувентус навреме да стигне на погребот на Давиде Астори

Италија

„Старата Дама“ во средата гостуваше на Вембли против Тотенхем во Лигата на шампионите, но и покрај тоа делегација на Јувентус следното утро се појави во Фиренца да оддаде почит на трагично починатиот Давиде Астори.

Според денешното издание на Ла Национе, голема заслуга за ова има Џиџи Буфон. По дуелот со „Спарси“, капитенот им се обратил на соиграчите во соблекувалната.

„Утре е погребот на Астори, чекиравме приватен авион кој ќе не однесе во Фиренца. Заминуваме во 4:30 наутро, па разбирам доколку некој сака да остана и да спие по ваков тежок натпревар“ – гласела пораката на Џиџи Буфон.

Следното утро во лобито на хотелот биле симнати сите играчи на Јувентус, но приватниот авион бил мал и со него можеле да патуваат само 12 лица, вклучувајќи го и екипажот.

На крајот во авионот се качиле само Алегри, неговиот помошник Ландучи, Буфон, Кјелини, Бенатија, Пјаниќ, Барзаљи, Маркизио и Ругани.

Кога делегацијата на Јувентус пристигнала во Фиренца, полицијата му предложила на Џиџи да влезе во Бзиликата Санте Кроче од задната страна поради големото ривалство со „виолетовите“ фанови. Сепак, Буфон инситирал тој и неговите соиграчи да влезат од предната страна и на тој начин да ја покажат својата солидарност со луѓето од Фиренца. Ваквиот гест беше поздравен од фановите на Фиорентина, кои го испратија Буфон со голем апллауз кога се појави пред Базиликата Санте Кроче.

Џиџи Буфон ја нема потврдено оваа сторија, но голманот им се заблагодари на фановите на Фиорентина за пречекот.