24фудбал

Тензија помеѓу Перез и Роналдо, ЦР7 стравува од најлошото и големо предавство

Медиумите од Шпанија имаат нова сторија за иднината на Кристијано Роналдо, велат дека владее голема тензија помеѓу ЦР7 и Флорентино Перез а причината е погазениот збор и најавениот трансфер на Нејмар

Шпанија

Иако најави дека нема да остане само на тие зборови и дека брзо ќе ја разјасни иднината, Кристијано Роналдо молчи по „бомбата“ која ја соопшти по последниот свиреж во Киев и најавата за заминување од Мадрид.

Но тоа не ги спречува медиумите да шпекулираат за иднината на Португалецот. Според пишувањата на „Ел Конфиденсиал“, има голема тензија помеѓу Кристијано Роналдо и претседателот Флорентино Перез.

Играчот е разочаран што првиот човек на клубот не го исполнил дадениот збор. „Ел Конфиденсиал“ пренесува дека Флорентино Перез во март месец со Жорж Мендеш постигнал вербален договор дека ќе му ја зголеми платата на Кристијано Роналдо од сегашните 21 милион на 30 милиони евра.

Поминаа месеци од таа средба, но до овој момент нема ни абер ни глас од новиот побогат договор и ЦР7 не само што смета дека Флорентино Перез си го погазил зборот, туку и стравува од најлошото: предавство.

Првиот човек на Реал сака да го донесе Нејмар, а Роналдо не сака да дели соблекувална со Бразилецот бидејќи тој му е најголемиот спортски ривал, двајцата се заштитни лица на Најк.

Роналдо е главната ѕвезда во Реал Мадрид и не сака да се натпреварува со Нејмар за овој примат. Исто така, Португалецот веројатно ќе изгуби десетици милиони од спонзорскиот договор доколку игра покрај Нејмар бидејќи Бразилецот поради годините и статусот на идна супер ѕвезда ќе добива поголемо внимание од американскиот производител на спортска опрема.

Па ЦР7 смета дека Флорентино Перез со валкани трикови му ја покажува излезната врата.