24фудбал

Работнички ги почна подготовките, фокусот ставен на квалификациите од Лига Европа

Работнички денеска ги почна подготовките за новата сезона, а првите вистински предизвици ќе бидат во квалификациите од Лига Европа.

Македонија

Шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски денеска го имаше првиот тренинг со своите фудбалери. Уште во стартниот ден тимот имаше три тренинзи, првиот од 7:30 во салата „Градски парк“, вториот во сала за кревање товар, а третиот е вечерва на фудбалското игралиште.

„Би сакал да им искажам благодарност во името на клубот на фудбалерите кои успеаја да обезбедат пласман на Работнички во Лигата на Европа. Дел од нив веќе не се во клубот, но така е тоа во фудбалот, секоја сезона е нов предизвик. Нашиот предизвик е секако настапот во квалификациите за Лигата на Европа, каде не сакаме да имаме само споредна улога. Денеска означивме почеток на летните подготовки, а акцент секако е на физичката подготвеност. На 18 јуни, ќе го одиграме првиот пријателски натпревар против Славија Софија, а потоа ќе заминеме на подготовки во Словенија, каде исто така се планирани неколку пријателски мечеви“, вели Ѓоре Јовановски.

Работнички во летниот преоден рок досега потпиша со Оливер Пеев, Филип Петковски, Љубомир Стевановиќ, Душан Савиќ и Жоел Бопеску. А спортскиот директор Иван Поповски најави и промоција на нови млади и талентирани играчи во првиот тим.

„Работнички продолжува со својата стратегија за развој и промоција на млади и талентирани фудбалери. И оваа сезона неколку млади фудбалери ќе бидат промовирани во сениорскиот погон. Досега успеавме да доведеме пет засилувања, а ќе работиме и понатаму на тој план, за ангажман на уште некое ново име“, изјави спортскиот директор, Иван Поповски.