24фудбал

По два трансфера и четири позајмици, Барса крена раце од „следниот Меси“

Барселона реши да се раздели со Жерард Деулофеу, кој важеше за еден од најперспективните играчи во школата, Шпанецот е продаден на Ватфорд за 13 милиони евра

Шпанија

Жерард Деулофеу во 2013 се најавуваше како следното големо нешто од популарната „Ла Масиа“ но никогаш не ги оправда високите очекувања Пет години подоцна, Шпанецот може да се пофали само дека промени неколку клубови, направи два трансфери и четири пати беше испраќан на позајмица.

Во 2013, „Каталонците“ решија да го пратат Жерард Деулофеу на калење кај Роберто Мартинез во Евертон, и по 12 месеци во Премиерлигата се врати на Камп Ноу со надеж дека ќе се наметне во првиот тим. Но наместо шанса за докажување, беше испратен на позајмица во Севиља, каде не се снајде и беше избран во најлошиот тим на сезоната.

Во јули 2015, Евертон го купи за околу 5 милиони евра, но по заминувањето на Роберто Мартинез, Жерард Деулофеу имаше мала минутажа на Гудисон Парк, па во јануари 2017 беше испратен на позајмица во Милан. Тој на Сан Сиро имаше неколку блескави партии, покажа дел од својот талент, го привлече вниманието на неколку клубови, па Барса реши дека треба да му укаже нова шанса и ја искористи опцијата да го врати на Камп Ноу.

Сепак, Деулофеу не успеа да го импресионира Ернесто Валверде во првиот дел од сезоната, и тоа значеше нова позајмица во Англија, овој пат во Ватфорд. Клубот од Викариџ Роуд сега реши во целост да го откупи играчот, и за 13 милиони евра, плус уште додатни 4 милиони евра во бонуси, го направија неговиот трансфер перманентен.

Барса очигледно крена раце од „следниот Меси“ бидејќи во договорот нема клаузула со која можат да го вратат назад и наместо ова си обезбедија процент од следната продажба.