24фудбал

Моќно отварање на Русија, пет пати ја тресеа мрежата на Саудиска Арабија (ВИДЕО)

Русија имаше почеток на Светското првенство каков што посакуваше со убедлива победа над селекцијата на Саудиска Арабија, домаќинот славеше со 5-0.

СП 2018

Почна Светското првенство во Русија, во Москва на Лужники стадионот пред 78.000 гледачи се одигра  првиот натпревар на 21. Мундијал, домаќинот ја надигра и убедливо ја победи Саудиска Арабија.

Дека не му се пишува добро на гостинот беше најавено уште во 12. минута кога по убав центаршут на Головин, Газински со глава ја смести топката во мрежата на Саудиска Арабија за водство на Русија од 1-0.

Во 24. минута се случи пех за домашниот тим, Џагоев се повреди и мораше да го напушти теренот, на негово место влезе Черишев.

Токму нововлезениот Черишев се истакна во 43. минута, со добар дриблинг помина двајца фудбалери од одбраната на Саудиска Арабија и постигна убав гол за водство од 2-0.

И третиот гол за Русија беше дело на резервист, Џуба влезе во 70. минута и веќе во следната, со неговиот прв допир погоди со глава за 3-0.

Во судиското продолжение Черишев постигна спектакуларен гол за 4-0, негов втор погодок на натпреварот иако почна од клупата.

И кога се чинеше дека тука е крајот, Голобин постигна прекрасен гол од слободен удар и ги постави конечните 5-0.

Русија беше подобар противник и апсолутно заслужи убедлив триумф на Светското првенство, ако Саудиска Арабија игра ваква тешко им се пишува и во следните два натпревари.

Утре со дуелот меѓу Египет и Уругвај кој почнува од 14 часот ќе биде комплетирано првото коло од групата А.

Следниот натпревар на Русија е против Египет на 19. јуни, следниот ден Саудиска Арабија игра против Уругвај.