24фудбал

Фантастично реми меѓу Португалија и Шпанија, шест гола, половина ги даде Кристијано Роналдо (ВИДЕО)

Европскиот шампион Португалија и Шпанија одиграа фантастичен натпревар кој заврши нерешено 3-3, Кристијано Роналдо со три постигнати погодоци беше ѕвездата на вечерта.

СП 2018
Дека ќе гледаме вистински спектакл беше најавено уште на самиот старт од мечот, во третата минута Начо го фаулираше Роналдо во шеснаесетникот, а судијата Роки не се мислеше многу, покажа на белата точка. Роналдо беше сигурен реализатор за водство од 1-0.
 
Шпанија тргна кон изедначување, до него дојде во 24. минута кога Диего Коста постигна убав гол за 1-1.
 
Пред самиот крај на првото полувреме Роналдо шутираше силно по средината на голот, Де Геа направи огромен кикс и Португалија повторно дојде во водство.
 
По десет минути игра во второто полувреме убава акција од слободен удар на Шпанија, Силва центрираше до Бускетс кој со глава го проигра Диего Коста а тој го постигна вториот гол за изедначување на 2-2.
 
Само три минути подоцна Начо упати вистинска бомба од далечина, го совлада Руи Патрисио за комплетен пресврт и водство на Шпанија од 3-2.
 
Шпанија ја имаше играта под контрола, Португалија јалово се обидуваше да дојде до изедначување, но во составот го имаат Роналдо, а тоа често е одлучувачко за натпреварот, така беше и сега.