24фудбал

Фросиноне со голема провокација до Македонецот: Несторовски дали слушаш? Ние одиме во Серија А, а ти дома... (ФОТО)

Новиот проволигаш Фросиноне уште еднаш покажа дека нема манири на голем тим, клубот од „Бенито Стирпе“ упати провокација до Илија Несторовски

Италија

Фросиноне вчера не бираше средства како да обезбеди поволен резултат со Палермо во баражот за влез во Серија А, па камерите уловија како резервистите кои стоеаја покрај аут линијата фрлаа топки за да ги прекинат обидите на „Сицилијанците“ да стигнат до изедначување.

Дека новиот прволигаш нема манири на голем тим покажа и провокацијата упатена до Илија Несторовски.

Во извештајот кој беше објавен на официјалната страна стоеше: „Несторовски дали слушаш? Ние одиме во Серија А, а ти дома со подвиткана опашка. Да, Фросиноне оди во Серија А. Тимот кој го обожаваат тифозите со жолто-сина боја, оние прави навивачи со големи срца“.

Откако овој пасус крена голема прашина во Италија, Фросиноне го измени извештајот. Се претпоставува дека оваа голема провокација кон Македонецот е одговор на коментарите кои ги имаше „Нестогол“ по победата на Палермо од 2-1 во првиот меч.

„Палермо покажа дека е дваесет пати подобар од Фросиноне. Ајде сега да одмориме и да победиме на реваншот“ – истакна Илија по крајот на првите 90 минути.