24фудбал

Цела Хрватска му аплаудира на Далиќ за бркањето на Калиниќ, меѓу нив и легендарниот Чиро Блажевиќ

Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ направи голем потег откако поради недисциплина го избрка Никола Калиниќ, потег каков што имаше и Чиро Блажевиќ во 1998 година.

СП 2018

Хрватска одигра одличен натпревар против Нигерија и стартуваше со победа на Светското првенство. Калиниќ беше на клупата, требаше да влезе во последните пет минути, но тој го одби селекторот и покажа непочитување кон Далиќ, играчите и дресот на коцкестите.

Далиќ не размислуваше многу, му рече на Калиниќ да си ги спакува куферите и да ја напушти базата на Хрватска во Русија. Потег кој со симпатии беше прифатен од сите медиуми во Хрватска и фудбалските критичари меѓу кои и легендарниот Чиро Блажевиќ.

Блажевиќ во 1998 од слични причини од селекцијата го избрка Игор Цветановиќ, па сега без двоумење му дава поддршка на Далиќ.

„Далиќ немаше избор. Секако дека и јас би го направил истото, па секој селектор на светот би го направил тоа. Тоа е лесна одлука. Изгледа дека играчите помислија дека Далиќ многу ги толерира бидејќи изгледа таков мирен, но штом доби шанса, реагираше на вистински начин и го покажа својот авторитет“, изјави Чиро Блажевиќ.

„Уверен сум дека ова нема да ја расипе атмосферата во репрезентацијата. Далиќ си го зголеми авторитетот и тимот после ова ќе биде уште посилен“.

„За жал, Калиниќ со овој потег веројатно засекогаш си ја затвори вратата во репрезентацијата. Далиќ сигурно веќе нема да го викне, а ниту селекторите после него нема да поминат преку ова“.