24фудбал

Перез го продаде Роналдо, кои се новите ѕвезди кои сака да ги донесе во Реал Мадрид?

Откако вчера го испратија Кристијано Роналдо, денеска шпанските медиуми пишуваат кои се наредните големи засилувања кои Флорентино Перез сака да ги донесе во Реал Мадрид.

Шпанија

Најдобриот стрелец во историјата на Реал Мадрид и нивната главна ѕвезда во изминатите девет години си замина од клубот, од следната сезона ќе настапува во Јувентус.

Утринава мадридскиот весник „АС“ излезе со листа за ѕвездените желби на Флорентино Перез со кои сака да го ублажи заминувањето на Роналдо и да започне нова ера на Реал Мадрид.

Прва желба и најсоодветна замена е Нејмар, но таа желба е и најтешко остварлива. Бразилецот има договор со ПСЖ до 2022 година, а францускиот шампион има премногу пари и не сака ниту да слушне за продажба на својот главен играч. ПСЖ за него плати рекордни 222 милиони евра, па се верува дека нема шанси да го продадат под 300. Првата сезона на Нејмар во ПСЖ беше исполнета со контроверзи, тој е свесен дека повеќе шанси за Златната топка има ако игра за Реал Мадрид, а шпанската е далеку поквалитетна лига од француската.

Втор на листата е Килијан Мбапе, уште еден фудбалер кој тешко се купува. ПСЖ за него плати 180 милиони евра и тој со 19 години треба да биде иднината на клубот. Единствено поради финансискиот фер плеј ПСЖ би можел да го жртвува Мбапе, но не за помалку од 200 милиони евра. Доколку амбициите на клубот остануваат исти, да ја покорат Европа, не би ги продале ниту Нејмар, ниту Мбапе.

Следната ѕвезда на листата е Еден Азар, тоа е желба која е многу пореална. Белгискиот фудбалер има договор со Челси до 2020година, сините во наредната сезона нема да настапуваат во Лигата на шампионите, а Абрамович во овој преоден рок е релативно пасивен на трансфер пазарот со што не покажува некоја посебна амбиција да го врати Челси на врвот. Таквиот развој на настаните ги брка најдобрите фудбалери, желбата на Азар да заигра за Реал Мадрид е јасна, па со негово барање за трансфер и добра понуда од кралскиот клуб таа може наскоро да се реализира.

Четврти на листата е Хари Кејн. Со заминувањето на Роналдо, Реал Мадрид загуби во просек околу 50 голови по сезона кои треба да ги надополни со други играчи. А напаѓачот на Тотенхем е вистинска гол машина во последните сезони. Во 2017 година постигна 56 голови, и беше подобар стрелец од Меси со 54 и Роналдо со 53. Се зборува и за заминување на Бензема, па Хари Кејн би бил идеална ѕвезда во нападот. Проблем е што тој има договор до 2026 година, а Тотенхем важи за тврд преговарач кога е во прашање продажбата на своите најдобри играчи. Сепак оваа желба на Перез се чини дека е поостварлива отколку Нејмар или Мбапе.

Во изминатите сезони видовме дека секој фудбалер може да се купи, па нема да биде изненадување кој и да пристигне во Реал Мадрид, дури и оние кои на прв поглед изгледаат дека е невозможно да се донесат.