24фудбал

Игуаин има две барања со кои го кочи трансферот во Милан

Трансферот на Гонзало Игуаин од Јувентус во Милан се уште е нејасно дали ќе се реализира, клубовите се договорија, но фудбалерот се уште не се согласил на условите кои му ги нудат.

Италија

Јувентус и Милан се договорија за трансфер на Игуаин вреден околу 54 милиони евра плус размена на дефанзивците Леонардо Бонучи и Матија Калдара, но целата зделка може да биде загрозена поради аргентинскиот напаѓач.

Медиумите во Италија пишуваат дека Игуаин не е задоволен од два аспекти на договорот.

Прво сака перманентен трансфер, а не позајмица. Милан и Јуве се договорија тој една година да игра на позајмица за 18 милиони евра, а следното лето Милан да има опција да го купи за дополнителни 36 милиони евра.

И покрај тоа што генералниот менаџер, Леонардо му објаснувал на Игуаин дека позајмицата е само да се задоволи финансиската ферплеј регулатива и тој сигурно ќе биде откупен, напаѓачот се уште се сомнева.

Вториот аспект е платата која ќе ја добива. Според информациите на италијанските медиуми, Игуаин бара 9 милиони евра по сезона. Во моментов во Јувентус заработува 7,5 милиони. Тој сака да си ги зголеми примањата со следниот трансфер иако има пад во формата, но свесен е дека за неговите услуги се интересира и Челси.

За денеска се планирани нови разговори, а тоа дава надеж дека разликите ќе бидат надминати и Игуаин сепак ќе потпише за Милан.

Се верува дека ако Игуаин не се пресели на Сан Сиро, нема да се реализира ниту размената на Бонучи со Калдара.