24фудбал

Трансферот на Модриќ во Интер ќе потегне мега зделка во која ќе биде вклучен и Јувентус?!

Нов ден нови шпекулации за можниот трансфер на Лука Модриќ во Интер, последните гласини велат дека Хрватот ќе добие богата пензија во Кина а неговото пристигнување во Милано ќе влијае и врз Јувентус

Италија

Лука Модриќ на 8. август треба да ги стартува подготовките со Реал Мадрид за новата сезона но неговата иднина е под знак прашалник откако Интер испрати понуда до Хрватот.

Флорентино Перез порача дека играчот не е на продажба и ќе замине само доколку некој ја плати откупната клаузула вредна 750 милиони евра.

Сепак, се верува дека првиот човек на Реал ќе го промени ставот кога ќе седне на разговор со Лука Модриќ и самиот фудбалер ќе му каже дека сака нов предизвик.

Медиумите од Италија денеска пишуваат дека Интер кова стратегија како да го убеди Лука Модриќ, и покрај мултимилионскиот договор со нив, му ветуваат и богата пензија во Кина. Сопствениците на „Нероаѕурите“ се газди и на Џиангсу Сунинг, па откако Хрватот ќе ја заврши авантурата во Милано, ќе го чека „дебел“ договор и на Далечниот Исток.

Исто така се говори дека трансферот на Лука Модриќ на Џузепе Меаца ќе потегне и мега зделка во која ќе биде вклучен и Јувентус. Наводно Флорентино Перез ќе тргне по Миралем Пјаниќ за кого ќе понуди 100 милиони евра. „Старата Дама“ пак ќе ги искористи овие средства за да го донесе Сергеј Милинковиќ Савиќ од Лацио.