24фудбал

Реал е бесен на агентите на Модриќ, планира да го кодоши Интер кај УЕФА

Лидерите на Реал Мадрид не се задоволни од однесувањето на агентите на Лука Модриќ, доколку Хрватот заврши на Џузепе Меаца, „Кралевите“ ќе го пријават Интер до УЕФА за прекршување на Финансискиот фер плеј

Шпанија

Лука Модриќ утре треба да ги одржи клучните средби со Флорентино Перез и Хулен Лопетеги по што ќе се знае дали играчот ќе продолжи со Реал или ќе замине во Интер.

Хрватот е привлечен од финансиската понуда на „Нероаѕурите“, кои му нудат 40 милиони евра за четири сезони во Милано, и уште 20 милиони евра за две години во Кина во редовите на Џиангсу.

Според пишувањата на Мундо, Реал Мадрид е бесен на агентите на играчи, Владо Лемиќ и Предраг Мијатовиќ, кои го туркаат репрезентативецот на „Коцкестите“ кон Интер. Исто така на „Кралевите“ не им се допаѓа и тоа што самиот Лука Модриќ молчи и дозволува шпекулациите за неговата иднина да продолжат.

Доколку Хрватот заврши на Џузепе Меаца, шампионот на Европа планира да го пријави Интер до УЕФА за прекршување на правилата за Финансиски фер плеј. Реал смета дека „Нероаѕурите“ немаат финансиска моќ да го реализираат овој трансфер, и зделката ќе биде комплетирана благодарајќи на тоа што Сунинг и газдите од Кина ќе внесат дополнителни пари во клубот преку спонзорски договор од нивната компанија, или компании блиски до нив. Ова се смета за финансиски допинг и е забрането, па Реал ќе бара Интер да биде санкциониран.

Во меѓувреме, АС пренесува дека за разлика од Кристијано Роналдо, Лука Модриќ не е цврсто решен да замине и најпрво ќе слушне што има да каже Реал Мадрид.

Доколку „Кралевите“ му понудат нов договор и плата како онаа која му ја нуди Интер, тој веројатно ќе продолжи на Сантијаго Бернабеу.