24фудбал

Лотито не го интересираат трампи и позајмици, за Милинковиќ Савиќ бара само кеш и тоа многу

Првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито проговори за можноста Сергеј Милинковиќ Савиќ да биде продаден ова лето, Србинот може да замине само доколку некој искешира преку 110 милиони евра

Италија

Фудбалерот од средниот ред е желба на неколку клубови како Јувентус, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Милан, но Лацио не планира лесно да се откаже од својата млада ѕвезда.

Во разговор со „Кориере дела Сера“, првиот човек на „Бјанкочелестите“, Клаудио Лотито вели дека до овој момент не пристигнала ниту една конкретна понуда. Тој исто така порача дека нема притисок да се раздели со Сергеј Милинковиќ Савиќ, и тоа ќе го стори само доколку некој искешира преку 110 милиони евра.

„Сергеј е најдобриот млад играч во светот со огромен простор за напредок. Немам добиено конкретна понуда од Милан, ниту од Јувентус или пак Реал Мадрид или Манчестер јунајтед“ – вели Клаудио Лотито.

„Не сме под притисок да го продадеме, но ако ме прашате колку вреди, јас ќе ве потсетам дека минатата година, на 29. август одбив 110 милиони евра. За колку беше продаден Пол Погба на Манчестер јунајтед? За 110 милиони евра? Епа Милинковиќ Савиќ вреди повеќе“.

Се претпоставува дека Клаудио Лотито ова лето првично барал 150 милиони евра, но сумата сега може да се спушти до 120 милиони евра. Сепак, проблем е тоа што Лацио сака само кеш.

„Да бидам јасен, не ме интересираат трампи или формули со позајмици и опција за перманентен трансфер по 12 месеци“.

Со ваков став на Клаудио Лотито, Милан дефинитивно отпаѓа од трката бидејќи „Росонерите“ во моментов не можат да се расфрлаат со пари поради правилата на УЕФА за Финансиски фер плеј.

Јувентус би можел да реализира еден ваков трансфер но само доколку го продаде Миралем Пјаниќ.